Photo: RK Alkaloid/Filip Viranovski
Во македонската Суперлига останува да се одигра само уште еден натпревар, попладнево меѓу екипите на Алкалоид и Бутел, по што и официјално ќе биде затворена суперлигашката сцена за сезоната 2024/25.
Попладневниот дуел, нема да има влијание на распоредот на екипите на табелата, па уште од сега може да се распоредат местата за аплицирање за европските натпреварувања следната сезона.
Екипите на Е. Пелистер и Вардар ќе имаат место во ЕХФ Европската лига, битолчани во групната фаза, а Вардар би играл квалификации. Алкалоид и Охрид во ЕХФ Европскиот куп.
Но, првакот Е. Пелистер може да аплицира за место во Лигата на шампионите и веруваме дека и оваа година ќе успее да излобира за место во европската елита. Сосема солидните резултати од минатата сезона и полната сала на сите натпревари се силни адути за битолчани да бидат одново меѓу екипите што ќе играат за пласман во Келн.
Ако се случи тоа, тогаш Вардар 1961 би бил директно пласиран во групната фаза на ЕХФ Европската лига.
Алкалоид во тој случај би имал право да бара надградба и место во ЕХФ Европската лига, но таму би требало да игра квалификации во кои можни противници би биле и екипи како Флензбург или Кил.
Ќе видиме дали победничкиот пехар во ЕХФ Европскиот Куп би донел некоја поволност и евентуално директно место во групната фаза. Во спротивно, Алкалоид ќе го брани пехарот во ЕХФ Европскиот Куп.
ГРК Охрид ќе има место во ЕХФ Европскиот Куп исто како и минатата сезона, а не е исклучено, одново, исто како и минатата сезона и ГРК Тиквеш да бара и да добие вајлд карта за настап во ЕХФ Европскиот куп и Македонија пак да има пет претставници во Европа.
Поврзани вести