Photo: RK Alkaloid/ Filip Viranovski
Екипата на Алкалоид, актуелниот освојувач на ЕХФ Европскиот куп и македонскиот Суперкуп од сезоната што официјално заврши вчера, денеска ги промовираше новите ракометари за сезоната 2025/26.
Алкалоид и во новата сезона ќе биде локомотивата што ќе го влече напред македонскиот ракомет на репрезентативен план. Не отстапи од стратегијата да настапува со македонски ракометари сино-белиот клуб, па како и во штотуку завршена, така и во наредната ќе имаат само двајца странски ракометари од кои едниот е веќе етаблираниот Арно Бинго.
Вкупно седум нови имиња има во таборот на Кирил Лазаров и тие ќе ги заменат тројцата ракометари кои заминаа, а ќе пополнат и празнината што ја оставаат ракометарите кои се рехабилитираат.
Алкалоид ги ангажираше македонските репрезентативци
Ненад Костески и
Михаил Аларов. Костески ќе игра на позицијата десно крило заедно со својот брат Никола Костески кој заздравува од повредата, а таму е и Александар Петковски зад кого е одлична, сезона во која одигра над очекувањата и видно напредуваше.
Позицијта пивот е исклучително важна во стратегијата на Кирил Лазаров, а Михаил Аларов кој игра во два правца сигурно ќе биде квалитет плус во играта.
Големиот потенцијал,
Емилијан Ѓорговски доаѓа во Автокоманда и тука ќе ја бара новата шанса да покаже дека се работи за вонсериски играч кој со доволно минутажа, квалитетна работа и доверба од тренерот може да биде и важен играч не само за клубот туку и за репрезентацијата.
Левата бековска позиција дополнително ќе биде засилена со ангажманот на српскиот интернационалец
Урош Борзаш, па Алкалоид ќе добие и добри шутери за следната сезона.
Играч на кого посебно ви обрнуваме внимание е младиот голман
Ѓорѓи Николовски. Се работи за играч кој доаѓа од младинските категории на клубот, а настапуваше за кадетската репрезентација и Мулти Есенс. Николовски е луциден голман со одлични рефлекси и ќе има младо, но опасно трио голмани на располагање Лазаров следната сезона.
По една сезона во која настапуваше за српскиот тим Дубочица, а беше будно следен од стручниот штаб на Алкалоид, во екипата се враќа десниот бек
Михаил Иваноски. Тој ќе го замени Давид Савревски и заедно со Серафимов и Велковски ќе комплетира тројката левораки бекови.
Финално, радарот на Алкалоид улови уште еден млад потенцијал што треба да се развива во Автокоманда. Левото крило
Давид Трајкоски од Прилеп ќе игра покрај Арно Бинго и универзалецот Иван Џонов.
Тоа е седморката на нови играчи што се надеваме дека ќе ја видиме во ЕХФ Европската лига следната сезона и што ќе ги напаѓа двата пехара во домашното првенство.