Младинците на Е. Пелистер по европски пехар во Германија

Фото: РК Еурофарм Пелистер

Европската ракометна федерација годинава стартуваше проект, натпреварување во клупска конкуренција на кадетските екипи. За први учесници беа одбрани подмладоците на екипите што учествуваа во Лигата на шампионите, со неколку измени откако две (скандинавски) екипи не прифатија учество.
Потоа го именуваше натпреварувањето и така го добивме ЕХФ Младински клупски трофеј (во Европа терминот младинско е истоветно на македонската кадетска конкуренција) со право на настап на играчи родени по 1 јули 2006.
За жал  најавата дека екипите ќе играат во Келн како предигра на Ф4 од ЛШ се промени, па полуфиналните натпревари и мечот за трето место ќе се играат во Дормаген, а само финалистите ќе ја видат Ланксес Арената во полн сјај. 
Веројатно и во иднина ова натпреварување ќе има модификации и промени додека да ја добие конечната форма.
Каква и да биде, ќе остане запишано во македонската, а и во европската ракометна историја, дека во првото издание на „Ф4“ турнирот имало и македонска екипа.

Ракометарите на Еурофарм Пелистер со победата на квалификацискиот турнир одржан во Букурешт се изборија за право да се борат за победничкиот пехар.
Тие во полуфиналето за противник ја имаат екипата на ГОГ Гудме од Данска, а тоа е клуб што е препознатлив по работа со млади категории и низ чии школи минал и еден Матијас Гидсел на пример. Другиот полуфинален пар го сочинуваат екипите на Барса и Веспрем.

Младите македонски ракометари за ова натпреварување засилени со најдобриот стрелец во натпреварувањето досега, Алем Хаџиќ, полуфиналниот меч ќе го одиграат на 14 јуни со почеток од 09 часот. Барса и Веспрем ќе играат од 11:30 часот.
Натпреварот за третото место исто така ќе се игра во Дормаген, на 15 јуни исто така во 09 часот, но се надеваме дека Е. Пелистер ќе го гледаме во Келн, во финалето што на 15 јуни со почеток од 11:30 часот ќе се игра во „Ланксес Арена“.

ТВ преноси од овие натпревари ќе има на следниве ТВ Канали
CZE – Sport 1
ESP – TV3 Catalunya, Barça One
HUN – Sport 1
SVK – Sport 1
Сите останати – EHFTV





 

Поврзани вести