РФМ ќе го модифицира системот на натпреварување

Фото: ГРК Охрид
 

Од досегашното искуство, треба да се помириме со фактот дека каков и да биде системот на натпреварување, ќе има екипи на кои ќе им одговара, ќе има екипи на кои нема да им одговара, ќе има екипи што ќе бараат начини како да го „изиграат“ системот. РФМ е должна да следи, да анализира и да го прилагодува на реалната состојба следејќи приоритети не само на клубовите, туку и на репрезентацијата и на развојот на играчите.


Претходното раководство на РФМ добро се справуваше со ваквите предизвици, иако тоа значеше и честа промена на системот на натпреварување. Било тоа да беше поради потребите на двата клуба што играа во СЕХА, потоа и на прекинатата сезона поради Ковид и секој  „follow up“ што произлезе од тоа до системот да се игра во две групи 2х8. Тоа беше систем што беше календарски прилагодлив, корисен за млади играчи, а во пролетниот дел имавме квалитетни и досега најнеизвесни Плејоф и Плејаут со по осум екипи. Бројката од 16 екипи беше проблематичниот дел, а веројатно нема да погрешиме ако кажеме дека неговиот најголем непријател беше ваучер системот во кој премногу раце посегнуваа кон колачот.

Се направи хајка, беше променет тој систем и воведено натпреварување со 12 екипи. Систем во кој во Плејоф/Плејаут екипи пренесуваат по 3, 2 и 1 бод.
И овој систем покажа слабости, а дел од екипите ги прекршија спортскиот и финансиски фер плеј, па го преспаа есенскиот дел и се разбудија на пролет со низа трансфери на странски играчи.

Новото раководство на РФМ со искуството од виденото сезонава, планира да го адаптира овој систем за следната сезона. Планот е да не се пренесуваат 3, 2, 1 бод, туку да се пренесуваат сите резултати од меѓусебните натпревари на екипите од есенскиот дел во Плејоф/Плејаут.

Би било добро РФМ да го разгледа и календарот на натпреварување, за тоа што во тековниот систем, есенскиот дел се развлече цели 7 месеци, а потоа во два и пол месеца беа сместени комплетниот Плејоф, Куп натпреварите во две фази и две ререпрезентативни акции на сениорскиот тим. Згора на тоа го имавме и Алкалоид што тогаш ги играше и најважните натпревари во ЕХФ Европскиот Куп. Следната сезона, многу реално во оваа фаза да го гледаме плус и Охрид.

Овој систем не е календарски прилагодлив како тој 2х8, но РФМ ќе мора да најде начин да ја збие и скрати есенската полусезона на сметка на Плејоф и Плејаут. Можеби е добра идеја, „онаа“ фаза Куп на Македонија, групната фаза, да не се игра во мај кога се играат најважните натпревари туку да биде на пример преселена некаде во февруари, веднаш по Европското првенство и пред да почне суперлигашкиот дел, па во мај да остане само Фајнал фор. Или во декември...

И за штедењето на есен и масовно купување на странци во февруари постојат механизми што би спречиле тоа да стане пракса, РФМ треба да ги открие и да најде решение со кое би бил запазен спортскиот и финансиски фер плеј.

 

Поврзани вести