Младите пелистерци ќе играат за трето место на Ф4

Фото: РК Еурофарм Пелистер

ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – ГОГ 21-36 (12-17)
Стрелци: Буторац 4, Хаџиќ 4, Велевски 3, Симоновски 2, Лозановски 2, Спировски 2, Ѓоргиевски 2, Марковски 1, Лазаревски 1


Младиот состав на Еурофарм Пелистер ќе игра за третото место на Младинскиот клупски Трофеј, новоформираното натпреварување под капата на ЕХФ, прво на клупски план во помладите категории.
Утрово во полуфиналето на Ф4 турнирот што се игра во Дормаген, младите пелистерци беа убедливо совладани од данската екипа ГОГ (21-36) и утре исто така во Дормаген ќе се сретне со поразената екипа од дуелот меѓу екипите на Барса и Веспрем.

Екипата на ГОГ ќе игра во финалето што ќе се игра во Келн, во „Ланксес арена“ со подобриот од дуелот меѓу Барса и Веспрем.
Битолчани денеска за противник имаа екипа која во светски рамки важи за една од најквалитетните „фабрики“ за врвни ракометни играчи. Несомнено тоа го докажаа и на теренот каде што по воведните 4-4, ја преземаа контролата и поведоа со 8-4, а потоа го одржуваше македонскиот состав резултатот во рамки на минус четири до шест гола, за на полувреме да замине со негатива од пет (12-17).

Во првите 10 минути игра во вториот дел, Е. Пелистер постигна само еден гол, а ГОГ поведе со 11 гола разлика (24-13) во 40 минута. По ова следуваа 20 минути во кои данските ракометари ја зголемија разликата за уште четири погодоци и станаа првите патници за Келн.
ГОГ Гудме одлично го затвори најдобриот стрелец на битолчани, Алем Хаџиќ кој постигна четири гола од 12 обиди, а во својот тим го имаше расположен Соренсен, стрелец на осум гола од 13 обиди.

 

Поврзани вести