Европската ракометна федерација денеска објави дека девет екипи аплицирале за вајлд карта за Лигата на шампионите следната сезона. Десет екипи имаат директен пласман во ЛШ, од деветте пријавени, шест ќе добијат место во ЛШ следната сезона.
ДИРЕКТЕН ПЛАСМАН ВО ЛШ:
Барса, Магдебург, Загреб, Веспрем, Алборг, Висла Плоцк, ПСЖ, Спортинг, Берлин, Динамо Букурешт
АПЛИЦИРАЛЕ ЗА ВАЈЛД КАРТА:
Еурофарм Пелистер, Колстад, Порто, Пик Сегед, Нант, Келце, ГОГ, Слован, Кадетен
Битолчани испратија позитивни сигнали по престојот во Келн каде што може да се почувствува расположението на ЕХФ во поглед на доделувањето на вајлд картите.
Македонскиот клуб има доста добри аргументи како што е полната сала на сите натпревари. Впрочем тоа е и најсилниот аргумент, иако сезонава и резултатски не беше инфериорен тимот, дури беше во игра и за пласман во елиминациите.
Но, од друга страна конкуренцијата сезонава е сериозно силна. Речиси сигурно вајлд карти ќе добијат ПИК Сегед, Келце, Нант и ГОГ, веројатно и Колстад.
Порто, Слован и Кадетен се конкуренцијата на македонскиот тим за последната вајлд карта. ЕХФ прецизираше дека конечниот изглед на Лигата на шампионите ќе биде потврден на 24 јуни.