Денот „Д“ за Е. Пелистер и македонскиот клупски ракомет

Фото: РК Еурофарм Пелистер

Утре е најважниот ден за Е. Пелистер и за македонскиот клупски ракомет за следната сезона.


Европската ракометна федерација го одреди 24 јуни како ден кога ќе го потврди списокот на учесници во Лигата на шампионите за следната сезона. Македонија, откако го загуби директното место за учество во ЛШ според ранкинг, сега аплицира за вајлд карта.
Доделувањето на вајлд картата е широка сива зона во која важат неколку критериуми што не се директно поврзани со рејтинг. 
Девет екипи аплицираа за шест вајлд карти. Тоа се екипите на ГОГ, Нант, Келце, Пик Сегед, Колстад, Е. Пелистер, Слован, Порто, Кадетен.
Досегашното искуство сугерира дека со сигурност во ЛШ ќе играат Нант, ГОГ, Келце и Пик Сегед. Би било вистинско чудо некоја од овие екипи да не добие покана за следната сезона.

Во ова друштво можеме да го сместиме и Колстад, затоа што не веруваме дека ЕХФ ќе ја остави Норвешка без ЛШ и покрај тоа што Колстад уште од формирањето им ги кине нервите во Виена со своите финансиски егзибиции.

Остануваат Еурофарм Пелистер, Порто, Кадетен и Слован. Сите имаат свои адути, кои посилни кои послаби, но веруваме дека ЕХФ нема целиов регион да го остави само со Загреб како претставник. Оптимизмот е поголем од лани, сега има и резултати на своја страна Е. Пелистер, но, ќе потенцираме уште еднаш, доделувањето на вајлд карта или административно наречено надградба од ЕЛ во ЛШ е сива зона.

Големата важност за целиот македонски клупски ракомет е дека Ако Е. Пелистер добие место во ЛШ, Вардар ќе добие директно место во Европска лига, а Алкалоид ќе може да се бори исто така за место во група во ЕЛ или некако поинаку да го валоризира триумфот во ЕХФ Европскиот Куп.

Но, ако Е. Пелистер не добие вајлд карта, сѐ ќе се помести за едно место и тогаш во квалификации за ЕЛ ќе одат веројатно и Вардар и Алкалоид.

Поврзани вести