И Мароко ги победи македонските јуниори на СП

Photo: IHF/Kolektiff

МАРОКО – МАКЕДОНИЈА 30-26 (14-13)
Рамзади 6, Саа 4 – Узунчев 6, А. Стојановски 5, Карасманакис 4


Македонските јуниори продолжуваат со разочарувачките настапи на Светското првенство У21 во Полска. Денеска македонскиот тим го запиша и четвртиот пораз од исто толку одиграни натпревари, а подобра од македонската репрезентација беше репрезентацијата на Мароко.

Ова беше прв натпревар од Президент Куп каде што реално треба да победуваме, но Мароканците беа помотивирани, знаеја што сакаат и постојано беа во предност. Водеа и со пет гола во финишот (27-22), пред македонскиот тим да намали на само минус два, но брзо се освестија противниците и мирно го приведоа мечот до крајот и конечните 30-26.

Следниот противник на Македонија е Мексико и тоа е натпревар на кој мора да ја видиме првата победа. Што се однесува до досегашните натпревари, ако може да се извлече некоја позитивна страна, тоа е дека ја гледаме реалноста од поинаков агол. Минатото лето, истиот овој тим играше нерешено со Хрватска и Австрија, ги победи Ц, Гора, Унгарија и Франција, а годинава не може да го победи ниту Мароко.

Како ќе биде насочено вниманието кон младите категории во следниот период, во голема мерка ќе ги одреди и натамошните кариери на овие играчи и следствено ќе го одреди потенцијалот за репрезентацијата. Овие ракометари се наоѓаат во најкритичниот период, кога преминуваат од јуниори во сениори и теба да стануваат носители.

Поврзани вести