Раул Алонсо веќе не е тренер на Е. Пелистер

Фото: РК Еурофарм Пелистер

Шпанецот Раул Алонсо, официјално, не е веќе тренер на македонскиот првак Еурофарм Пелистер.
Не е неочекувано, неодамна се појави информацијата дека германскиот тим Лајпциг е заинтересиран за него и дека е подготвен да плати и отштета. Тоа сценарио (веројатно) е реализирано и битолчани денеска официјално му се заблагодарија.

Шпанецот резултатски си го оправда трансферот во Битола и го оствари тоа за што беше дојден, а тоа е одбраната на шампионскиот пехар. Начинот на кој го оствари тоа не беше импресивен сѐ до решавачкиот натпревар, одеше по жица, но кога беше најпотребно, беа најимпресивни и на меч на сѐ или ништо, на терен на најлутиот ривал го подигнаа победничкиот трофеј.
Со оглед на тоа дека подолго време беше извесно дека Раул Алонсо ќе си замине, управата на битолскиот клуб имаше простор да бара решение. Е. Пелистер има најмалку два силни адути во потрагата по ново име. Играат Лига на шампиони, а има и простор за двајца-тројца нови ракометари во чиј избор би можел да биде вклучен и новиот тренер.
Клубот со подготовки почнува на 24 јули и во следните две недели би требало да биде разрешено сѐ, иако веруваме дека многу побрзо, барем тренерското прашање ќе биде одговорено.

 

Поврзани вести