Миркуловски е новиот координатор на репрезентациите

Фото: Mkdhandball

Ракометната федерација на Македонија, денеска на прес конференција го промовираше Филип Миркуловски за нов координатор на сите машки репрезентации. Миркуловски во Македонија се враќа по десет години минати во екипата на Вецлар од Германија каде што беше играч, капитен, асистент тренер и на периоди и прв тренер на екипата. Искуство во машката сениорска репрезентација на Македонија има и како играч и како дел од стручниот штаб.

„Чест ни е што го имаме Миркуловски тука со нас. Сметаме дека тој со неговото искуство може многу да помогне во работата со сите репрезентации и дека Македонија ќе има здрава иднина“, изјави претседателот на РФМ, Александар Стефанов.

„Благодарност до РФМ што ми ја укажа довербата. Како и секогаш, тука сум да дадам се од себе и да го искористиме моето искуство од работата во Германија. Младинските категории ќе ми бидат приоритет, да изградиме единствен систем и принцип за работа што ќе ја олесни работата во А репрезентацијата.

Првата задача ни е да направиме пионерска репрезентација и да им дадеме шанса да се воиграат и да ги стигнеме другите репрезентации кои се понапред од нас.

Целосно ќе се вложам, има многу работа со младинските категории. Ќе се трудиме да го подигнеме нивото. Имав состаноци со селекторот Лазаров, селекторот Кузманоски, имаме добра комуникација, ќе градиме заеднички систем“, изјави Миркуловски.

Поврзани вести