Каков тим е Хановер, противникот на Алкалоид во ЕХФ Европската лига?

Photo: © Max Petershans / CC BY-SA 4.0 (via Wikimedia Commons)

Освојувачот на ЕХФ Куп во квалификациите за ЕХФ Европската лига доби противник што доаѓа од Бундеслигата.


Единствената желба на Алкалоид односно на фановите на овој скопски клуб пред ждрепката за квалификациите во ЕХФ Европската лига беше да се избегне бундеслигашката екипа Хановер Бургдорф. Пакосната Фортуна имаше други планови и сега злорадо ги трие рацете во исчекување на првата сезонска евро-авантура на актуелниот освојувач на ЕХФ Европскиот Куп, кој за да влезе во групната фаза ќе мора да оди по најтешкиот пат.
Но, по најтешкиот пат ќе оди и Хановер, па ќе видиме на почетокот на септември која екипа ќе стигне до посакуваната цел, а која ќе го проколнува бесмислениот формат-систем на ЕХФ по кој девет сосема добри екипи ќе ја завршат сезоната уште пред таа да почне.
Тешко е и да се замисли дека некој во Виена ќе ги оптовари своите ценети вијуги со судбината на овие екипи, па за спас, ќе се надеваме дека очекуваното проширување на ЛШ ќе го измени и форматот во ЕХФ Европската лига.
Македонските клубови, втор пат играат елиминации во овој формат и втор пат добиваат бундеслигаш за противник. Пред две години Вардар налета на Рајн Некар Ловен, сега Алкалоид ќе игра со Хановер.

Хановер Бургдорф е екипа која иако како Бургдорф датира од 1922 година подемот го живее во последниве четири-пет години. Финансиски се засилија, извадија играчи по кои се грабаат многу позвучните бундеслигаши, а лани и резултатски беа во врвот на табелата речиси 20 кола. Звучи неверојатно, но долго време беа во игра и за шампионски пехар. Нивниот пад почна во последните десет натпревари во кои победија само двапати, еднаш ремизираа и запишаа повеќе порази отколку во текот на целата сезона. Но и покрај тоа завршија на шестото место со само три бода помалку од еден многу попознат тим – Флензбург.

Поранешен селектор на Германија е на нивната клупа, тоа е Кристијан Прокоп, а тој во ракав има два силни адути. Еден од нив е десниот бек Ренарс Усчинс (ФОТО), син на познатиот летонски ракометар Арманд Усчинс. Овој 23 годишен ракометар за кратко време стана прв избор во германската сениорска репрезентација. Втората ѕвезда која добива понуди од многу попознати тимови е пикерот Јустус Фишер. Има 22 години и злато од јуниорско ЕП 2021 и СП 2023.
Неодамна и двајцата потпишаа нови договори и клубот сега може да здивне дека нема да си заминат, а и ако решат да си одат, тогаш ќе наплати колку што ќе може повеќе.

Имаат пет скандинавци во екипата. Данец на голот (Гаде), Исланѓанец на центар (Едвардсон), Норвежани на лево крило и среден бек (Педерсен и Ахо) и играч од Фарски на позицијата десен бек (Поулсен). Го имаат и екс ракометарот на Берлин, Мариан Михалчик, потоа Штуцке, Стенхаузер...

Хановер Бургдорф под водство на Кристијан Прокоп игра подлабока 6-0 одбрана која добро изолира, се движи и антиципира. За разлика од стилот на игра кој грижливо го негуваат грото македонски екипи како вредно наследство од деведесеттите, Хановер трча – не застанува.
Но и Алкалоид е екипа која повеќе сака да трча отколку да оди по терен, па ќе видиме атрактивен и убав за око дуел, речиси гарантирано.

Хановер Бургдорф или Die Recken (Воини) бундеслигашките натпревари ги игра во ЗАГ Арена во Хановер која редовно се полни со 11.000 гледачи, а резервна сала им е Свис Арена која има капацитет од 4.500 гледачи. Патем клубот им обезбедува бесплатен превоз на фановите што доаѓаат од Бургдорф кој е оддалечен 25 километри. Претпоставуваме дека Алкалоид ќе има шанса да ја запознае Свис Арената.

ХАНОВЕР БУРГДОРФ
Голмани: Симон Гаде, Жоел Бирлем
Леви крила: Аугуст Педерсен, Ханес Феис
Леви бекови: Максим Орлов, Лукас Штуцке
Средни бекови: Мариан Михалчик, Јонатан Едвардсон, Леиф Тисие, Синдре Ахо
Десни бекови: Вилхелм Пулсен, Ренарс Усчинс
Десни крила: Мариус Стенхаузер, Даниел Вебер
Пивоти: Јустус Фишер, Томас Солстад
Тренер: Кристијан Прокоп

Дојдоа: Леиф Тисие (Хамбург), Аугуст Педерсен (Флензбург), Максим Орлов (Потсдам), Синдре Ахо (Монпеље)
Заминаа: Тилен Стрмљан (ГРК Охрид), Мартин Хане (Гепинген), Владислав Кулеш (Мелзунген), Адам Нујфал (Лемго), Корај Ајар (Бешикташ), Винсен Бахнер (Ајзенах), Максимилијан Гербл (крај на кариера)

Поврзани вести