Фото: РК Алкалоид/Филип Вирановски
Кирил Лазаров следната сезона ќе има повеќе опции во играта, особено од левата бековска позиција каде што дојдоа и бекови на кои силна страна им се шутеви од дистанца, па комбинирано со пробивните играчи ќе може да креира повеќе тактики во играта.
Српскиот репрезентативец Урош Борзаш е еден од новитетите во составот на РК Алкалоид за следната сезона. Импресиите од почетокот во Автокоманда се позитивни, условите за работа се на ниво, а очекувањата и амбициите – секогаш највисоки.
„Убаво и добредојдено се чувствувам во Алкалоид, каде сите ме прифатија уште од стартот и сите сме заедно во оваа приказна. Мислам дека условите за работа од она што го гледам на почетокот се најдобрите во Македонија, спремни ги почнавме подготовките, па се надевам дека ќе биде се во најдобар ред и дека на секој меч ќе ја користиме наша шанса. Мора да работиме, да бидеме трпеливи, а резултатот ќе ни дојде.
„Нашите цели се високи. Македонската лига никогаш не била посилна, четири екипи се силни и очекувам интересна сезона. Но, истовремено е и долга, затоа не би сакал да давам никакви прогнози предвреме. Ние со тимот треба да го одиграме нашето на секој меч, да ги следиме насоките на тренерот Лазаров и да бидеме се подобри од натпревар во натпревар.
„И во Европа ја имаме нашата шанса, иако ждрепката не беше најповолна. Од она што го увидов, Алкалоид е добра екипа, посебно кога игра на домашен терен. Првиот меч со бундеслигашот Хановер треба да го одиграме перфектно и без грешки, да ја користиме секоја можност за гол, да ги сведеме техничките грешки и загубените топки на минимум, а потоа дома да играме за прогрес во групната фаза на Европската лига на ЕХФ“