Photo: RK Metalurg
Рускиот бек Павел Атман објави дека на 38 години ја одиграл својата последна сезона. Повредата на коленото имала големо влијание за ваквиот епилог, но и да не била, можеби неговото време на теренот и така било веќе истечено.
Секое споменување на името Павел Атман буди пријатни сеќавања на една од најубавите македонски ракометни приказни - РК Металург. Лино Червар и сино-белите од Автокоманда прв пат имаа можност да се сретнат со него во септември 2010 година на квалификацискиот турнир за ЛШ во Порто. Не беше многу пријатна таа средба, Павел Атман премина од Каустик во Динамо Минск и имаше само два тренинга со новиот тим пред да истрча на терен. Но, во Порто везеше на теренот и беше моторот на Белорусите. Постигна пет гола и заендо со Онифриенко и Рутенка го одведоа Динамо до победа од 27-21 со која практично го елиминираа Металург.
Во следните три сезони, Павел Николаевич беше алфа во Динамо Минск сѐ до моментот кога оваа екипа банкротираше. Металург не го имаше заборавено Русинот и дури со доза на неверување дека успеале, стигнаа до потпис во 2013.
Павел Атман и со играта и со имиџот веднаш се вклопи со другите ѕвезди во тимот какви што на времето беа Станиќ, Вугринец, Димовски, Мојсовски и стана дела од една од најубавите македонски ракометни приказни.
Потоа следеше крахот во 2015, а Павел Атаман вклучително со сезоните во Минск ги одигра свои најдобри пет години во кариерата.
Потоа замина на Блискиот исток, па се врати во Белорусија во екипата на Мешков Брест, играше две сезони во Хановер-Бургдорф, па имаше и враќање во Македонија, во екипата на Вардар. Натму патот го водеше во ЦСКА, Макаби и Хапоел.
Поврзани вести