Фото: РК Алкалод/Роберт Спасовски
Михаил Аларов е едно од новите имиња во редовите на Алкалоид сезонава. Тој треба да донесе дополнителна стабилност во одбраната на тимот, може да игра во два правца и се очекува за кратко време да стана една од клучните алки во системот на тренерот Кирил Лазаров. Искусен играч, со репрезентативно педигре, добро ги познава и новите соиграчи, па нема да биде потребно премногу време за воигрување.
Аларов заедно со тимот ги одработува последните денови од втората фаза од подготовките и наскоро ќе имаме можност да видиме како екипата ќе изгледа на терен.
„Работиме доста напорно, имаме доволно време да ја темпираме формата според желбите на тренерот Лазаров и добро да се спремиме за тешката сезона, која сигурно ќе биде највозбудливата досега. Ќе имаме и тежок противник во Европа, но ние како играчи даваме максимум секој ден, екипата е сложна, полека се подготвуваме за нашите цели кои сакаме да ги оствариме и исполниме.
Во РК Алкалоид се вклопив одлично затоа што играчите ги познавам од порано, условите за работа се одлични и професионални и немам никакви забелешки. Околу очекувањата за она кое ни следи, не сум човек кој сака да говори предвреме за трофеи, туку само да работиме и да градиме резултати.
Целите секако дека се високи, имаме желба да играме и групи во Европската лига на ЕХФ, а дали ќе успееме, времето ќе покаже. Наше е да работиме“, изјави Аларов.