Фото: РК Алкалоид
Емилјан Ѓорговски, небрусениот дијамант во македонскиот ракомет сезонава пристигна во Автокоманда каде што под водство на Кирил Лазаров ќе ја користи шансата да се докаже на теренот. Ѓорговски треба да донесе нови опции за Алкалоид во нападот имајќи ги предвид неговите шутерски способности, па ќе биде интересно да се види како ќе изгледа Алкалоид на терен сега кога покрај брзите и снаодливи играчи ќе има и најмалку тројца леви бекови што можат да шутираат од девет метри.
„Презадоволен сум како сум прифатен од новите соиграчи. Подготовките течат во најдобар ред, се трудам да го дадам својот максимум на секој тренинг, а потоа и на терен. Амтосферата е одлична, со дел од играчите имаме играно заедно во младинската репрезентација, па не беше тешко да се вклопам во тимот.
Од сезона во сезона Супер-лигата е поквалитетна, има поголема конкуренција. Покрај Вардар, Пелистер и Алкалоид, сезонава засилен е и Охрид. Но, секогаш има и по некое изненадување плус, не смее да се потцени ниту еден тим. Наша задача ќе биде максимално да се подготвиме за секој натпревар без разлика против кого играме.
Со оглед на тоа дека сите репрезентативци играат во домашната лига, а квалитетот е на високо ниво, тоа е добро и за националниот тим.
Секогаш ќе одиме на победа, дури и против еден бундес-лигаш како што е Хановер. Знаеме декаа Бундес-лигата е најдобра во светот, но секогаш ќе одиме максимално“, изјави Емилијан Ѓорговски.