-
21.8.2025
-
Македонски ракомет
Фото: РК Еурофарм Пелистер
РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – РК ВАРДАР 1961 28-23 (12-10)
Првата овосезонска пресметка меѓу екипите на Вардар и Пелистер заврши со убедлива победа на актуелниот првак на Македонија. Битолчани победија со пет голови разлика и ги зголеми своите шанси за пласман во финалето за кое ривал ќе му биде Тримо Требње.
Двата тима вечерва не беа комплетни, но тоа на крајот на денот е одлука на тренерите. Дуелот привлече повеќе публика на трибините и актерите со се тренерите беа должни да ги испочитуваат.
Во секој случај во наредниве десетина дена уште двапати ќе играат овие два тима, по што сликата за односот на силите ќе биде појасна.
Натпреварот во првиот дел беше израмнет и се претвори во игра на нерви, а нервите први попуштија кај екипата на Вардар. Почна со директен црвен картон за Митровиќ, потоа се надоврзаа и уште неколку исклучувања и Еурофарм Пелистер беше во убава предност.
Ѕвезда на натпреварот беше иранскиот голман Сеид Хеидарирад кој имаше 15 одбрани за 46 минути, а потоа се повреди и на голот застана Давид Брестовац кој имаше пет одбрани со 50% успешност. Покрај нив двајца, убав впечаток оставија и браќата Петар и Павле Атанасијевиќ кои постигнаа по четири гола и беа значаен фактор во вториот дел.
Иако овој меч беше своевидна ревија на новите ракометари на двата тима, од Вардар нешто ново што вреди да се потенцира и не видовме. Деветте гола на Димитро Хориха се показател дека старите виолини сѐ уште свират подобро. Во моментите кога Пелистер водеше со шест голови разлика и кога тимот требаше да покаже карактер и идеја како да се врати – тоа го немаше на теренот. Играта беше безидејна, главно индивидуално и подвлечено безопасна во поглед на загрозување на водството на противничкиот состав.
Вардар ќе биде поинаков со Борозан, Лазаревски и Еспиња во тимот, Пелистер поинаков со Кузмановски, Митревски... Следното одмерување на силите е на скопскиот турнир, а потоа следува и првиот официјален меч, Суперкуп дуелот закажан за трети септември.
Поврзани вести