Хановер со пораз влезе во новата сезона

Photo: Die Recken - TSV Hannover-Burgdorf

ТСВ Хановер-Бургдорф, противникот на РК Алкалоид во квалификациите за ЕХФ Европската лига со пораз (26-29) ја почна новата сезона во Бундеслигата.

Токму поради дуелот со РК Алкалоид, закажан за во недела во Германија, екипата на ТСВ Хановер-Бургдорф ја доби премиерата во новиот шампионат. Гостин им беше Гумерзбах, тим предводен од легендарното крило на Исланд, Гудјон Валур Сигурдсон.
ТСВ Хановер-Бургдорф фуриозно го почна мечот, поведе со 3-0 за помалку од две минути, но во минутите што следеа, гостите имаа расположен голман. Бертан Облинг голманот на Гумерзбах запиша девет од вкупно 11 одбрани во првото полувреме, за разлика од голманите на домашниот тим кои имаа само една одбрана од вкупно шест на целиот меч.

Голманите беа причината поради која Гумерзбах лесно се врати во игра и по 15 минути премина во водство (6-5). Потоа во финшот на полувремето, искористи моменти кога беше со два играча плус во поле и разликата ја искачи на плус пет.
ТСВ Хановер-Бургдорф во второто полувреме успеа да се доближи на минус два, но гостинската напаѓачка формација предводена од топ ѕвезди како Каи Смитс и Кентан Мае со артилериска поддршка од Јулијан Костер имаше решение за подвижната зона на домашната екипа.

Немаше резултатска драма, минус два беше најдоброто од домашните во вториот дел и бодовите отпауваа за Гумерзбах.
Сепак, ТСВ Хановер-Бургдорф остави впечаток на добро организирана екипа. Најголемата опасност за РК Алкалоид ќе биде леворакиот бек Рејнарс Усчинс, но и двата новодојдени играчи, Синдре Ахо и Лиф Тисие кои играат на позицијата лев бек покажаа репертоар на потези и шутеви достојни за почит.

Поврзани вести