Почнува нова европска мисија на РК Алкалоид

Фото: РК Алкалоид/Филип Вирановски

Почнува новата европска мисија на победникот на ЕХФ Европскиот Куп, македонскиот РК Алкалоид во рамките на ЕХФ Европската лига.
Македонскиот тим утре заминува за Хановер каде што во недела ќе се сретне со домашниот тим ТСВ Хановер-Бургдорф во првиот од двата дуела за пласман во групната фаза на ЕХФ Европската лига.
Натпреварот ќе се игра во недела со почеток од 17:00 часот во салата Свис Лајф Хол која има капацитет од 4500 гледачи во која ТСВ Хановер-Бургдорф ги игра своите европски натпревари.

Прв пат во својата историја РК Алкалоид ќе има германски противник на спротивната страна на теренот. Еден од најсилните клубови од најсилната лига во светот, предводени од поранешен селектор на Германија (Кристијан Прокоп) и од една од најголемите нови ѕвезди на германскиот и светскиот ракомет (Рејнарс Усчинс). Тим што е комбинација од германски и скандинавски ракометари, следствено и нивниот стил на игра е комбинација на германскиот и скандинавскиот ракомет.

ТСВ Хановер-Бургдорф беше екипата со највисок рејтинг во ждрепката од квалификациите и ќе биде голем фаворит на дуелот со македонскиот состав.
Наградата на РК Алкалоид е голема. Не се мери со истиот кантар играњето во Европа од гледна точка на Македонија и од гледна точка на Германија.

Европа е второстепена за Германци, а за Македонија, пласманот на РК Алкалоид во групата значи уште најмалку шест натпревари во Европа, можност за воигрување и напредок што не можат да го остварат во домашното првенство затоа што кај нас не се игра ракомет кој води кон напредок.
Тоа е пресликано и во репрезентацијата и значи минути за играчите, одржување на системот, а тоа е можеби пресудна важност пред ЕП 2026 затоа што меѓудругото имаме и пет репрезентативци кои се вон строј најмалку до крајот на ноември.

Имавме можност да го гледаме ТСВ Хановер-Бургдорф на премиерата во Бундеслигата, беа поразени дома, но лесно можат да се извлечат погрешни заклучоци за нив од тој меч. Голманите комплетно им потфрлија, а што се однесува до одбраната... па треба да се има предвид дека од бековската линија ги напаѓаа играчи како Кај Смитс, Кентан Мае и Јулијан Костер.

Алкалоид ќе има доволно време да се адаптира во Германија пред неделниот натпревар, очекуваме добра промоција на македонскиот тим, а потоа во Скопје ќе биде решен вкупниот победник.
РК Алкалоид пред дуелот со ТСВ Хановер-Бургдорф во Скопје ќе го добие и победничкиот пехар од ЕХФ Европскиот Куп.

Поврзани вести