Првиот пехар ќе се додели во Кавадарци

Како некогаш на времињата кога најголемите битки меѓу Вардар и Пелистер на неутрален терен се водеа на „средина“, во Кавадарци, така и оваа година првиот дуел за пехар меѓу РК Вардар 1961 и РК Еурофарм Пелистер ќе се игра во салата „Јасмин“ во Кавадарци.
РФМ го закажа Суперкуп 2025 на трети септември во Кавадарци, а почетокот на натпреварот е закажан за 19:00 часот.
Овие два тима веќе одиграа еден натпревар, на турнирот во Охрид каде што подобар беше актуелниот првак, а ќе се сретнат и на скопскиот турнир што се игра деновиве.
Но, првиот официјален меч, дуел што има за влог пехар и место во ракометната историја, ќе се игра на трети септември и веројатно тогаш за прв пат без калкулации со стратегијата и составите ќе ги видиме двата лански освојувачи на пехар во вистинското светло.

Суперкуп се одржува од 2017 година, а годинешниот „Суперкуп 2025“ ќе биде осмото издание. РК Вардар 1961 има четири пехари (2017, 2018, 2019 и 2023), РК Еурофарм Пелистер има два (2021 и 2022(, а РК Алкалоид има еден победнички пехар (2024).

Поврзани вести