Од Хановер, Ристо Ѓамовски
Фото: РК Алкалоид/Роберт Спасовски
ТСВ ХАНОВЕР-БУРГДОРФ – РК АЛКАЛОИД 37-27 (19-15)
Сала: „Свис Лајф Хол“ во Хановер, Германија. Гледачи: 4000 Судии: Рубен Маја и Андре Нуњеш од Португлија. Делегат: Пер Олсен од Данска
ТСВ ХАНОВЕР БУРГДОРФ: Гаде (1 одб), Бирлем (18 одб), Тисие 5, Поулсен, Ушчинс 8, Орлов, Педерсен 3, Стенхаузер 10, Михалчик 5, Ахо, Штуцке, Солстад 1, Фишер 4, Фајзе, Вебер
Седмерци: 4/4 Исклучувања: 12 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ (1 одб), Галевски (8одб), Џонов, Тордарсон 10, Маркоски 1, Серафимов, Карасманакис, Стојковиќ, Ѓоргиев 3, Велковски 2, Ивановски, Костески 2, Петковски, Д. Митев 3, Борзаш 4, Аларов
Седмерци: 5/9 Исклучувања: 12 мин.
РК Алкалоид скапо ги плати сите промашени шанси на првиот натпревар со германскиот тим Хановер и го загуби натпреварот со висока разлика. Домашните голмани имаа вкупно 19 одбрани!
Натпреварот имаше брз ритам, без разлика дали беа акции од транзиција или пак беа позициски напади. Домашните први преземаа контрола благодарение на одбранет седмерец и една техничка грешка на РК Алкалоид и поведоа со два гола разлика.
РК Алкалоид бодрен од околу 25 македонски фанови се врати во егал по осум минути игра (6-6), а Тордарсон беше играчот кој непогрешливо стрелаше кон голот на Жоел Бирлем.
Алкалоид поведе во 10 минута (10-9), а Исланѓанецот имаше 6/6, но дојде и период на промашени шутеви и грешки и тоа ги врати домашните во егал, а во 15 минута успеаја да поведат и со 14-11 по што Кирил Лазаров побара тајм аут.
Голманот Бирлем успеа да скроти уште еден зицер, а тоа им продуцираше контра напад за 16-12. Алкалоид брзо намали преку Борзаш, потоа следеа две одбрани на Галевски, но не ги искористи Алкалоид за да намали затоа што и Бирлем одбрани двапати по ред.
Ракометарите на Алкаоид пропуштија и трета шанса да намалат при 13-16, по што домашните од седмерец зголемија на 17-13.
Играч на првиот дел без никаква дилема беше голманот на Хановер кој одбрани два чисти зицери едноподруго, а тоа го наплатија на спротивната страна со гол за 18-13. И веднаш потоа се надодаде и вториот голман, Симон Гаде, кој одбрани пенал, вкупно трет одбранет од пет досудени до 27 минута.
Конечно, Дамјан Митев со убав погодок намали на 14-18, а од добро одиграна акција Игор Ѓоргиев погоди за 15-18. И имаше уште еден контра напад Алкалоид за дополнително да намали, но и тој заврши како плен за голманот Бирлем. Потоа следеше контранапад на спротивната страна во кој домашните погодија за водство од 19-14.
По еден гол на двете страни на стартот на вториот дел, Мартин Велковски беше стрелец, но веднаш потоа заработи директен црвен картон, а домашните од пенал поведоа со 21-16.
Од тој момент разлика од пет гола стана актуелна, но Алкалоид успеваше да држи чекор што беше особено важно. Погодија Серафимов и Тордарсон, но имаа решенија домашните. Алаклоид беше во напаѓачки проблеми, а ситуацијата ја спаси Иван Галевски кој одбрани три зицери по ред, а потоа Лазаров побара минута одмор.
Не се промени среќата, Алкалоид промаши, а домашните казнија и поведоа за прв пат со седум гола разлика (27-20).
Тордарсон со својот осми погодок намали на 21-27, но Аларов беше исклучен, а Фишер вишокот го претвори во ново водство од седум гола.
Во 45 минута Хановер поведе со 30-22, разлика набилдана главно преку слабата реализација на Алкалоид. Кирил Лазаров побара нов тајм аут во 50 минута, при резултат 31-24. Акцијата што следеше беше убаво изработено, но голманот на Хановер одбрани и потоа од контранапад одново дојдоа до плус осум. Потоа следуваше четвртиот промашен пенал и опасноста мечот да заврши двоцифрено стана реална.