Лазаров: Во сабота ќе го оставиме срцето на терен

Фото: mkdhandball

РК Алкалоид во сабота ќе ја добие круната за триумфот во ЕХФ Европскиот Куп. Подигнувањето на првиот европски пехар за младиот македонски клуб ќе биде увертирата за реванш натпреварот со германскиот тим ТСВ Хановер-Бургдорф во квалификациите за влез во групната фаза на ЕХФ Европската лига.

Тој натпревар ќе се игра во сабота со почеток од 19:30 часот во салата „Автокоманда“ во Скопје која очекуваме да биде исполнета за свечениот момент, но и за првото гостувањето на бундеслигашки тим во Автокоманда во резимето на РК Алкалоид, иако резултатот од првиот натпревар не нуди оптимизам кога е во прашање конечниот победник на двобојот.

РК Алкалоид денеска одржа прес конференција на која беше најавена саботната пресметка со бундеслигашот од двата германски града, Хановер и Бургдорф.

„Ни следи реваншот во квалификациите за Европската лига со Хановер, за кого не треба да се трошат зборови. Повеќе од осум месеци беше лидер во најдобрата лига на светот, а оваа година е засилен со искусни играчи. Мене ми е жал што загубивме со нереални и неочекувани за мене десет гола разлика.
Во сабота е убав ден, затоа што ќе го подигнеме европскиот пехар кој го освоивме лани со македонски тим, кој постои три години во Суперлигата и уште еднаа во Првата лига и кој е базиран на македонски играчи. Не е убаво чувството со минус десет од Германија да дигаме пехар, но ќе се прилагодиме и ќе се обидеме да се израдуваме колку што можеме пред мечот, а на мечот достоинствено да го презентираме македонскиот ракомет. Сакам еден комплетен натпревар, им кажав на играчите дека мора сите да го оставиме срцето на терен заради нас, заради проектот, заради навивачите.
Бев малку разочаран, имав непроспиени ноќи, но такви работи се случуваат во спортот. Штета што македонската јавност не можеше да го види на дело тоа како ние одигравме во Германија и дека не заслуживме пораз од десет гола. Хановер влегува во бундеслигашкиот ритам, на секое зошто имаат затоа и за нас ова ќе биде големо искуство. Се надевам дека ќе имаме комплетен натпревар, а како тоа ќе биде, ќе видиме по 60 минути. Колку и ние да се надевавме, се работи за еден супер-квалитетен противник“, изјави Лазаров.





 

Поврзани вести