Утре стартува новата сезона во Лигата на шампионите, а во Битола се спрема „фешта“ за дочек и испраќање на хрватскиот шампион Загреб.
Освен што ова е прв меч и сите сакаат убав старт, РК Загреб е еден од тимовите против кои битолчани имаат (по)реални шанси да стигнат до бодови и затоа овој натпревар е од посебно значење. Но, истата цел ја има и Загреб и тоа е предуслов за неизвесен меч, во кој двата тима ќе ги тестираат своите играчи до лимитот на нивните можности.
За РК Загреб веројатно не е потребно посебно претставување затоа што бил чест гостин во Македонија. Загреб е рекордер во две категории во европскиот ракомет. Тој е единствениот машки клуб кој ги освоил сите домашни првенства и никогаш не бил ниту втор. Другиот рекорд што го држи е бројот на сменети тренери во последните 10 години.
Во Битола доаѓа со Андрија Николиќ на клупата. Тој беше и в.д. и прв тренер и сега одново е на чело на колоната.
Три крупни измени има во составот во однос на ланската сезона. Од клубот заминаа Тимур Дибиров (пензија), Звонимир Срна (Монпеље) и кратко пред да почне сезоната, голманот Матеј Мандиќ замина за Магдебург.
Дојдоа Станислав Садовски од СКА Минск кој ќе игра место Тимур Дибиров, на голот е ангажиран Харис Суљевиќ, на левата бековска позиција пристигна грузискиот ас Георги Чковербадѕе, а најголемото засилување дојде од Келце, ракометарот кој ја имаше честа прв да го крене шампионскиот пехар во Келн за екипата на Вардар во 2019 – Игор Карачиќ.
„Знам како е да се игра во Битола. Секој наш ракометар треба да биде на 300%. Ми се допаѓа како е составен Пелистер, спој на млади и искусни играчи и добро е покриен на секоја позиција. Но, ние имаме сѐ што имаат тие и нешто плус“, изјави Игор Карачиќ за клупската веб страница на РК Загреб.
Натпреварот ќе се игра утре со почеток од 20:45 часот и ќе биде директно пренесуван на ТВ.