Првото коло од македонската Суперлига ќе биде комплетирано утре со дерби натпреварот меѓу екипите на Алкалоид и Охрид што се игра во Автокоманда со почеток од 18:30 часот.
Ова ќе биде првото големо дерби меѓу екипите од четворката кои се кандидати за (нај)висок пласман сезонава.
Алкалоид по елиминацијата во ЕХФ Европската лига, фокусот ќе го има на домашното првенство, луксуз што го немаше минатата сезона, но од друга страна недостатокот на меѓународни натпревари може да има негативно влијание.
Охрид состави звучен и скап состав, а неговиот дострел е отворено прашање. Најголемиот хендикеп им е тоа што имаат многу нови играчи и ќе му треба време за воигрување. Но, за разлика од Алкалоид кој комплетно беше посветен на натпреварите со ТСВ Хановер-Бургдорф, тренерот на Охрид можеше комплетно да се посвети за мечот со Алкалоид.
„Охрид е квалитетна екипа што летово дополнително се засили. Тие ќе сакаат од самиот почеток да дојдат до позитивен резултат, но истото важи за нас. По елиминацијата од Европската лига сега целосно ќе се фокусираме на домашните обврски, почнувајќи токму од овој натпревар. Ги респектираме охриѓани, но Алкалоид ќе стори се за да слави и победнички да ја стартува сезоната. Впрочем, играме во нашата сала, пред нашите верни навивачи и верувам дека со добра игра ќе стигнеме до резултатот што сите го посакуваме“, изјави капитенот на Алкалоид, Игор Ѓоргиев.