Ракометната федерација на Македонија годинава ќе го обнови турнирот „Трофеј Македонија што своевремено, пред нешто помалку од три децении се одржуваше и служеше за подготовка на репрезентаците, во времето кога женскиот ракомет во Македонија беше далеку пред машкиот.
„Турнирот ќе биде добра можност за да го оствариме тоа што го сакаме. Ќе биде добра подготовка за квалификациските натпревари со Германија и Словенија. Ќе биде можност и за да го стартуваме ракометниот караван што ќе стартува од Охрид“, изјави претседателот на РМФ, Александар Стефанов на денешната прес конференција.
„Караванот стартува во Охрид, а во октовмри продолжува во Прилеп и во Битола“.
Утре во Охрид, женската репрезентација на Македонија ќе биде домаќин на Турција, Египет и Тунис, три екипи што ќе бидат првите гости на возобновениот турнир.
Веднаш по завршувањето на турнирот, почнува нов проект на РФМ - Ракометниот караван 2025!
На 20 септември 2025 година, со почеток во 11:30 часот, во спортската сала „Билјанини Извори“ – Охрид, ќе се одржи настан под мотото: „Ракометот е тука – дали си подготвен?“
Специјални гости на настанот ќе бидат: Филип Миркуловски, Индира Кастратовиќ и Елена Ѓорѓиевска
„Караванот е одлична идеја за промоција на ракометот. Прв пат се прави ваков тип на караван. Ракометот е популарен, но треба да привлече повеќе деца. Многу е важен стартот, а ние треба да ги вклучиме што побрзо“, изјави Филип Миркуловски.
Приоритети во календарот на РФМ, се квалификациите за кадеткие во Луксембург и пријателските натпревари со Словачка, а во машка конкуренција е предвидениот контролен меч со Јапонија.
РФМ најави во блиска иднина и потпишување на договори со два нови спонзори што ќе се приклучат на РФМ и репрезентацијата.