Може ли Е. Пелистер до сензација во Париз?

Фото: РК Еурофарм Пелистер


Екипата на ПСЖ е вториот противник на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите, а првиот натпревар ќе се игра вечерва во домот на ПСЖ, салата „Пјер де Кубертен“ во Париз со почеток од 20:45 часот и ќе биде директно пренесуван на МТВ-3 и Арена Спорт-3.

ПСЖ е позната ракометна приказна која постои од 1941 година, но подемот го почна во 2012 десетина години кога катарските сопственици на брендот го приклучија тогашниот Париз Хендбал кон семејството ПСЖ. Веднаш одвоија и рекордна годишна сума за ракометен клупски буџет и го лансираа парискиот проект.

Оттогаш освоија 12 шампионски титули во Франција, а во Лигата на шампионите, каде што имаат шест учества на Фајналфор во Кел, најголемиот успех им е пласманот во финалето во 2017 каде што беа поразени од македонскиот првак РК Вардар.

Нивниот состав трпеше големи промени секоја сезона, во еден момент имаа ракометен дрим тим во кој истовремено играа Микел Хансен, Сандер Сагосен и Никола Карабатиќ, но составувањето на екипа од најпознатите и најголемите ѕвезди во моментот не беше победничка формула во ЛШ. Иако буџетот им претрпе минимални намалувања, бројот на ѕвездите драстично се намали и во моментов ПСЖ е екипа во која има познати играчи, но најголемите ѕвезди во моментов играат за други екипи.

Годинава имаа нова трансформација во која замина и тренерот Раул Гонзалез кој беше на кормилото на Вардар во за нив кобното финале во ЛШ во 2017. Раул не успеа со најскапиот тим и најголемите ѕвезди да го повтори успехот од 2017 и на неговото место дојде Стефан Мадсен, тренер кој со Алборг успеа да стигне до две финалиња на ЛШ.

Ќе му треба време за да го извади од ПСЖ најдоброто, затоа што француската лига е специфична. Манирите, карактерот пристапот и многу други мали и крупни детали се нивна посебна приказна, па иако покрај себе на клупата ќе го има Хенрик Мелгард кој своевремено играше во ѕвездениот ПСЖ, додека самиот Мадсен не ги запознае сите карактеристики на францускиот ракомет, веруваме ќе има нагоре и надолу во екипата.
Во прилог на оваа теза одат поразите од Монпеље (23-29) во Суперкуп и поразот од Магдебург (31-37) во Лигата на шампионите.

Сезонава дојдоа седум, замининаа осум ракометари од клубот, а трансфер периодот им изгледа вака:

Дојдоа: Ноа Годен (Скјерн), Абделрахман Абду (Ал Ахли), Емил Мелегард (Хој), Микел Локвист (Бјерингбро-Силкеборг), Карл Конан (Монпеље), Матео Мараш (Татабања), Себастијан Карлсон (Монпеље)

Заминаа: Рубен Марчан (Мелсунген), Кент Робин Тонесен (Фленсбург), Дани Бајенс (РНЛ), Виктор Крен (Курњон), Ноа Нарсис (Саран), Давид Балагер (Монпеље), Лео Плантин (Монпеље), Андреас Палицка (Колстад)


Еурофарм Пелистер и Пари Сен Жермен досега одиграле шест натпревари, а на пет од нив победил францускиот тим. Единствената победа на македонскиот клуб е во 2001 година, кога ПСЖ сѐ уште беше Париз Хендбал и играа во Челинџ Куп. Тогашниот РК Пелистер во Битола победи 29-26, а на гости загуби 30-33 и се пласираше во следната рунда.

Потоа следеа четири дуели со ПСЖ во кои парижаните беа подобри, но битолани и на овие четири меча беа резултатски рамноправни, а резултатот е далеку од пресликување на буџетите или на силата на хартија.
Во септември минатата година, ПСЖ дома победи само со два гола разлика (26-24), а потоа во Битола во март годинава ја запиша највисоката победа во меѓусебните дуели, (35-26).

Ако вечерва Е. Пелистер го повтори пристапот и борбеноста од претходното гостување во Париз, може да се надева на рамноправност, можеби и на изненадување, таа можност никако нема да им ја одземеме, иако противникот е големиот фаворит за бодовите на вечерашниот натпревар.




 

Поврзани вести