Второ дерби без победник во Автокоманда

РК АЛКАЛОИД - РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 33-33 (15-14)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ (2 одб), Галевски (8 одб), Тордарсон 7, Маркоски, Серафимов 5, Карасманакис, Стојковиќ, Ѓоргиев 2, Велковски 1, Симоноски 1, Ивановски 1, Костески 3, Петковски 1, Митев 6, Борзаш 5, Аларов 1
Седмерци: 4/4 Исклучувања: 8 мин. 
РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Митревски (7 одб), Брестовац, Хеидарирад (1 одб), Манасков 6, Цехте 1, Хакбарт 6, Тајник 4, Валид 2, Хенигман, Радивојевиќ, Кузмановски 10, Калајџиески, Петар Атанасијевиќ, Пешевски 1, Хосни 2, Павле Атанасијевиќ 1
Седмерци: 7/8 Исклучувања: 12 мин. 

По нерешениот резултат во дербито со Охрид, втор пат во Автокоманда се делеше пленот. Овој пат среќник беше екипата на Пелистер која успеа во последната секунда да искубе бод од Алкалоид, кој, пак, одново со бод плати за своите грешки. 

Ракометарите на Алкалоид беа подобри на отворањето на натпреварот. Се играше главно позициски, но добро се снаоѓаше одбраната на домаќинот, а тоа се претвори и во резултатска предност која по пет минути игра беше два гола (4-2), а по 11 минути Алкалоид водеше со 7-4. Имаше Алкалоид и напад за плус четири, но лошо беше одиграно и Манасков казни и намали на минус два, а потоа истиот играч од контра напад намали и на само гол заостанување (7-8).

Е. Пелистер се обидуваше да го успори ритамот на мечот, Алкалоид да го забрза при што во два наврати блесна Исланѓанецот Тордарсон со атрактивни погодоци.
Резултатот не претрпе сериозни промени, Алкалоид водеше со гол до два разлика, се до 20 минута кога Кузмановски со ефектен погодок го израмни резултатот на 11-11.
Следеа два гола по ред на домашниот тим по што одново контролата беше во рацете на скопскиот состав, а битолчаните бркаа резултат.
Во 24 минута Борзаш го заработи второто исклучување што стана потенцијален проблем за Кирил Лазаров.

Во 27 минута од натпреварот гостите одново израмнија, имаа и два напада за водство, но Алкалоид беше тимот што прв постигна гол и во последните 30 секунди од полувремето поведе со 15-14 што беше и конечен резултат по 30 минути игра.

Алкалоид го имаше првиот напад во второто полувреме, но не го искористи по што следуваше израмнување, но веќе во следниот напад Александар Петковски беше прецизен и Алкалоид одново бранеше гол предност.

Но, се разгоре натпреварот и по седум минути игра Алкалоид водеше со четири гола разлика (19-15) и имаше напад за плус пет.
Напаѓачката криза и постот од шест минути на гостите ја прекина Манасков од одбиена топка по неуспешен пенал и намали на (16-19).
Потоа Алкалоид промаши зицер и Пелистер намали на 17-19 и притоа промаши контранапад, односно Галевски одбрани зицер.
Домен Тајник беше стрелец на следниот гол со кој гостите намалија на 18-20 во 40 минута од мелот. Џокерот на битолчани, Иранецот Хеидарирад ја запиша својата прва одбрана во 42 минута по што крилото Хакбарт постигна гол од девет метри за намалување на 19-20 и тајм аут за Кирил Лазаров.
Во 45 минута Митев од пенал го доведе Алкалоид во водство од 22-20, во 47 минута беше 24-22, во 51 минута 27-25.
Времето минуваше, а на теренот се играше гол за гол. Невниманието на Хабарт кој го погоди голманот Галевски во лицето го стави Е. Пелистер во лоша позиција, затоа што при негатива од 30-32 останаа со четири ракометари во поле, на нешто помалку од две минути до крајот.
Но, Митревски одбрани зицер, а Тајник погоди па Алкалод одново беше во густо.
При резултат 33-31 Кузмановски шутираше пенал, погоди, но топката беше за Алкалоид. Лазаров тактички побара тајм аут на 15 секунди до крајот, но Алкалоид ја загуби топката по само седум секунди и на битолчани им остави време за последен напад.

Хосни доби премногу простор од домашните и погоди за нерешено, 33-33.

Поврзани вести