Фото: РК Еурофарм Пелистер
По една победа и пораз во првите две кола во Лигата на шампионите и генерално добра слика за перформансот на РК Еурофарм Пелистер, утре во Битола ќе гостува екипата на ГОГ Гудме. Нема да им биде прв пат да играат во Битола, екипа за која не треба посебно претставување со оглед на тоа дека нема прв пат да дојдат во Битола, а и со оглед на нивниот имиџ во европскиот ракомет.
ГОГ Гудме е веројатно најдобрата средина за развој на врвни играчи во светот. Кога последен пат играа со Е. Пелистер во нивните редови беа Матијас Гидсел (Берлин), Симон Питлик и Емил Јакобсен (Флензбург), Емил Мадсен (Кил), Оскар Бергендал (Магдебург) плус Мортен Олсен и Андерс Закаријасен. Тоа беше во 2021 година, а оттогаш минаа низ најмалку две играчки трансформации заклучно со летово кога од клубот заминаа седум ракометари меѓу кои се и играчи со статус на ѕвезди како Линус Персон (Порто), Тобијас Грондал (Флензбург) и Александре Блонц (Алборг).
Дојдоа пет нови играчи, а меѓу нив и еден од најголемите светски таленти, Оли Митун од Фарски острови, играч на најголемиот со број на членови клуб во светот и една од најдобрите ракометни академии – шведскиот Севехоф.
Но, Оли Митун е повреден и веројатно нема да го видиме утре во Битола.
Утре ќе видиме момци кои влегуваат во системот на ГОГ, играат течно и брзо и не само што ги следат сите ракометни трендови што кај нас за жал и натаму имаат статус „модерни“ - туку и ги креираат.
Тоа е нивната предност и во случајов, нивната слабост. Особено кога ќе играат против екипа каква што е Еурофарм Пелистер која настојува да наметне ритам во кој ќе се играат позициски напади, што особено ќе и годи на дефанзивната линија која оваа сезона е носечкиот столб во играта.
Ако успее македонскиот состав да го наметне тој ритам и да ги натера Данците за секој гол да се борат со одбраната, а и на спротивната страна доволно долтогаш шансите на Е. Пелистер за победа значително ќе пораснат.
Натпреварот ќе се игра утре со почеток од 20:45 часот, ќе има директен тв преност на МТВ.
Поврзани вести