Фото: РК Еурофарм Пелистер
ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – ГОГ 28-31 (14-14)
Манасков 9, Кузмановски 8 - Бјере 13, Лике 9
Екипата на Еурофарм Пелистер го запиша вториот пораз во Лигата на шампионите, прв на домашен терен. Во натпревар од третото коло, екипата на ГОГ Гудме од Данска ги освои бодовите во дуелот со македонскиот првак.
За Данците ова е првата победа сезонава по поразите од Пик Сегед и Барса. Во Битола беа дочекани како противник против кого Е. Пелистер може и треба да ги освои бодовите. Но, гостите демонстрираа технички врвен ракомет и не му дозволија на битолскиот состав да им го честита 40 роденден на своите навивачи со победа во Лигата на шампионите.
Почетокот на натпреварот беше како бајка за ракометарите на Е. Пелистер. Гостинската одбрана не беше спремна за дуелите еден на еден со Кузмановски и Хосни или за битка со Пешевски на линијата. Одбраната на Е. Пелистер си беше на место, казни неколку брзоплетости на гостите и во 12 минута Е. Пелистер имаше пет гола предност, водеше 9-4.
Сѐ до таа 12 минута наведуваше на помисла дека Е. Пелистер ќе извојува лесна победа и ќе ја одработи домашната задача за пласман во следната фаза.
Но, гостите останаа ладнокрвни, а во жешката атсмофера прва се истопи предноста на битолчани. Оли Митун, 20 годишниот бек од Фарски острови, вечерва беше џокер, рековалесцент од кого не се очекуваше да игра.
Но, не само што играше, туку комплетно ја редифинираше играта на ГОГ. Заедно со десниот бек Хјале Лике демонстрираа врвен ракомет и „измислија“ дузина начини како да креираат вишок, главно кон левото крило Фредерик Бјере кој што од крило што од пенал, вечерва постигна 13 гола од 13 обиди, од кои 8 во првото полувреме.
Е. Пелистер успеваше да одржи позитива преку Манаков, Кузмановски и Хосни, но на крајот во соблекувалните се замина со резултат 14-14.
Не понуди ништо ново Е. Пелистер во вториот дел. Долгите позициски напади и играта еден на еден овој пат не минуваа, за седум минути постигнаа само еден гол, а примија пет и ГОГ во 37 минута имаше водство од 19-15. Водеше данскиот тим и со 24-20, кога стигна големиот подарок за битолчани од тренерот на ГОГ, Каспер Кристенсен.
ГОГ ја имаше средбата под контрола, сигурно водство од плус четири и два пропуштени напади за плус пет кога Кристенсен реши да игра 7 на 6. Тоа внесе конфузија во нивниот напад и веднаш загубија две топки по што примија два лесни гола и Е. Пелистер одново беше во игра.
Намалија и на 23-24 битолските ракометари, се разбуди одново вулканот, но немаше идеја во играта на битолчани што ќе го сврте резултатот комплетно. Одбраната стана поагресивна, но нападот не „кликна“ и мечот отиде во ритам гол за гол, а Данците брзо се вратија на плус три и го исконтролираа натпреварот докрај.