Фото: Роберт Спасовски/Екипа
ВАРДАР 1961 - ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 31-28 (16-14)
Валах (9 одб), Малус 6, Боно 6(5) - Митревски (8 одб), Манасков 9(3), Кузмановски 5
Екипата на Вардар му го нанесе првиот првенствен пораз на актуелниот првак Е. Пелистер во петтото коло од Суперлигата. На дерби мечот што се одигра во Скопје, Вардар по голема и долготрајна битка славеше победа од 31-28.
Првиот дел мина во блага доминација на Вардар кој откако поведе со 5-2 и го принуди тренерот Гарабаја да бара рано тајм аут. Постојано беше во водство максимално со четири гола. Битолчани беа постојано блиску и опасни за топење на предноста, но немаше таква серија со која ќе го сменеа текот на настаните.
Скопската публика не му го има заборавено на Филип Кузмановски „навивањето“ од последното гостување во Јане Сандански, па беше посебна мета на Комитите вечерва.
За одбележување е и директниот црвен картон на Вуко Борзан уште во раната фаза на натпреварот. Не мина ни неколку минути на теренот црногорскиот ракометар кога силно стартуваше врз Кузмановски и за него мечот предвреме заврши. И трет момент што треба да се одбележи е повредата на младиот голман Давид Брестовац кој настрада по еден судир со Јака Малус во голманскиот простор и веќе не се врати на теренот.
Влегувањето на Чкембари на трибината и фрлениот факел меѓу домашните гледачи ги распламти страстите, имаше веднаш прекин кој треаше безмалку колку едно полувреме. Севкупно, прекинот, неколку „вар“ ситуации и нормалните ракометни прекини, на крајот за ефект имаа прво полувреме што траеше цели 55 минути, резултатот 16-14 за екипата на Вардар 1961.
Во второто полувреме Вардар пропушти напад за плус четири и тоа за момент го сврте текот на средбата, а битолчани израмнија по седум минути игра (18-18). Потоа се играше гол за гол, по што Вардар направи еден блиц криг и за кратко време врза мини серија од 3-0 и одново напаѓаше за плус четири.
Одлична партија одигра Јака Малус во тој период на едната и Дејан Манасков на другата страна, но средбата се претвори во голманска пресметка.
Вардар до крајот на мечот уште најмалку трипати пропушти шанса да поведе со четири гола, а за тоа најголемиот виновник е Никола Митревски. Но, не профитираа ниту гостите затоа што Милош Валах бранеше одлично и скроти неколку многу важни удари.
Финално, мечот што траеше 1 час и 59 минути го реши Филип Талески со два гола по ред по што немаше веќе кам бек за битолчани.