Фото: ГРК Охрид
Екипата на ГРК Охрид денеска ја почннува својата нова европска приказна со настапот во второто коло на ЕХФ Европскиот Куп во кое за противник го има азербејџанскиот тим Баки.
Загревачко коло за ГРК Охрид од кого сезонава очекуваме да игра во завршницата на ова натпреварување и да биде сериозен кандидат и во име на македонскиот ракомет да ја одбрани титулата што минатата сезона ја освои РК Алкалоид.
Мисијата нема да биде лесна, има сериозни екипи во ова натпреварување, но има два битни услови што ГРК Охрид ги исполнува за играње во завршницата на Купот.
Првата е што охриѓани имаат силен тим и дополнително го засилуваат со Крсманчиќ и Јагуриновски. Сигурно ќе имаат и нов голман дали сега, дали во февруари, а потенцијално засилување како што дознава mkdhandball е и хрватско-австрискиот голман Кристијан Пилиповиќ.
Дали ќе е тој или некој друг ќе видиме, но ако ГРК Охрид донесе голман од тој ранг и кога во тимот ќе се вратат Јотиќ и Орјоникидѕе, тогаш ГРК Охрид влегува во најтесниот круг на фаворити за пехарот.
Секако дека треба да се биде многу внимателен, РК Бутел Скопје ни демонстрираше дека и екипа од Луксембург може да биде висока пречка.
Вториот исто така многу важен услов за долга европска сезона е тоа што ГРК Охрид во ова натпреварување стартува од позицијата број 5 од вкупно 64 екипи што останаа во конкуренција.
За разлика од РК Алкалоид минатата сезона како пример, за охриѓани ова значи дека тие сѐ до 1/4 финалето во ждрепката ќе бидат во првиот шешир и ќе ги избегнуваат екипите на Олимпијакос, Војводина, Карвина и Хафнарфјордур. До 1/8 финалето ќе ги избегнат и Рунар Сандефјорд, Тримо Требње и романскиот Бузау.
Како дополнување на ова, во третото коло на пример ГРК Охрид би ги избегнале и Татабања, Кремс, Бешикташ/Тиквеш, Бистрица, Извиѓач...
Бидејќи во ова натпреварување се игра со преземање на местата, ГРК Охрид би ги избегнал и тимовите што евентуално би елиминирале некоја од овие екипи.
Првиот чекор прво, а тоа е Баки од Азербејџан, уште еднаш ќе го потенцираме како загревачки круг затоа што оваа екипа со два меча во Охрид каде што дојде со само 12 ракометари, не смее да биде закана за пласман во следното коло.
Натпреварот со Баки ќе се игра денеска од 18:00 часот во „Билјанини извори“, а реванш натпреварот ќе биде во утре во исто време. Охрид на првиот натпревар, официјално е гостин.
Во ЕХФ Европскиот Куп организациските критериуми се намалени, но место популаризација, Виена наметнува строги правила за трансмисија на натпреварите, па така не очекуваме ниту ТВ преноси ниту лајв стрим од настапите на македонските екипи сѐ до евентуалната завршница.