Фото: Mkdhandball/ Радован Вујовиќ
Е. ПЕЛИСТЕР – БАРСА 30-34 (13-17)
Митревски (12 одб), Манасков 8, Хенигман 8 – Нилсен (4 одб), Мем 6, Макуц 6, Гомез 5
Доаѓањето на Барса во Битола беше ракометен празник и така и мина дуелот од Лигата на шампионите во кој домашниот Еурофарм Пелистер имаше сосема солидна презентација и покрај поразот.
Барса е екипа чиј систем на игра се создава низ генерации, вечерва имаше потполна контрола врз натпреварот, иако не беше доминантна како што се очекува кога екипа со такво резиме, реноме и амбиции игра за да ја оправда репутацијата, а патем има на своја кожа почувствувано како се губат бодови во Македонија.
Играњето против каталонскиот тим не беше инспирација само за публиката, туку и за ракометарите на Е. Пелистер. Имаа убав вовед во натпреварот, двете промашувања на гостите на стартот на мечот ја погреаја атмосферата и водеше македонскиот тим на почетокот. Барса знаеше што сака и што треба да прави, не брзаше, чекаше битолчани да го испукаат својот арсенал, а тоа вообичеано се случува по петнаесет-дваесет минути игра.
Слично беше и вечерва, по 20 минута, Барса стигна до плус три (13-10), за момент беше и плус пет (15-10, 17-12), но на одмор се замина со резултат (17-13).
Во второто полувреме Барса стигна до плус седум и во рамки на плус пет, плус седум се играше до финишот. Во меѓувреме почнаа и измените при што тренерот на Барса малку и го потцени Е. Пелистер кој се опушти и почна да игра похрабро и поубаво и поатрактивно. Никола Митревски беше одличен, Манасков имаше добри потези и 8/8, Пешевски, Хенигман исто така имаа одлична партија.
Ситуацијата отиде дотаму што од 22-29, битолчани стигнаа до 27-31 во 54 минута, по што Ортега побара тајм аут и ги врати во игра Емил Нилсен и Дика Мем за да избегне евентуална драма во финишот.
Тоа му се врати со резултатска стабилност и нови бодови и конечно 34-30 за гостинскиот состав.