Сениорките со -16 се враќаат од Германија

Фото: РФМ

ГЕРМАНИЈА – МАКЕДОНИЈА 34-18 (14-8)
Филтер (8 одб), Хауф 5, Лехтер 5 – Петковска (4 одб), Ризоска 8, Младеновска 4


Женската репрезентација на Македонија комплетно разочара на премиерниот натпревар од квалификациите за ЕП 2026 што премиерно ќе се играат во пет држави. Македонската репрезентација е поразена од Германија со 16 гола разлика (18-34) пред полни трибини на гостувањето во Гумерзбах. Нашиот сениорски тим имаше 19 технички грешки, 4 голмански одбрани (11%) и само 23% реализирани напади против Германките кои се со реновиран состав, а и нивните главни играчи како Емили Фогел (многу попозната како Емили Болк) или пак Ксенија Смитс не беа користени максимално.

Македонија е далеку од тим што може да и се „заканува“ на Германија, тоа не беше спорно, но разочарувачки е пристапот и борбеноста особено во последните 10 минути во кои македонските ракометарки не беа ни добар спаринг партнер.
Македонија во овие квалификации, доколку не се промени комплетната „склопка“ веројатно со нула бодови ќе се пребројува со гол разлика со шест третопласирани екипи од кои четири ќе одат на ЕП.
Поентата е да бидеме подобри барем од две, а не да има барем две послаби од нашиот тим. На хартија тоа е исто, но на терен – не е.

Македонија денеска имаше шанса со подобар минус да го заврши натпреварот, но заврши со -16 и единствено БиХ односно Италија кои играат во иста група минаа полошо од екипите што конкурираат за трето место.

Македонија можеше подобро, доколку ракометарките беа фокусирани на моментот дека и да загубат, треба да се борат до последниот момент и да ја користат секоја шанса за да загубат со колку што се може помала разлика. Затоа што гол разликата со Германија и Словенија е билетот за ЕП. 
Имаше мечот предуслови за таков епилог, почетокот беше спор со многу грешки на двете страни и по осум минути резултатот беше фудбалски (2-1). Воопшто не беше лошо ниту по 23 минути игра (9-7), па дури ни по 28 минути во кои беше 12-8. Требаше во последните две минути поголема концентрација, помирна рака, но не беше така, Германија постигна уште два гола и на одмор замина со резултат 14-8. Дури ни тоа не беше лош резултат.
До 45 минута Македонија исто така имаше резултат со кој девојките немаше да бидат предмет за критики (22-16).
Последните 15 минути се другата страна на паричката. Од минус 6 до минус 16 без борба со топки загубени без притисок, се наредија технички грешки, голови на празна мрежа и македонскиот тим дома се враќа со голема негатива.

Следниот меч ќе го играме по три дена во Битола, против репрезентацијата на Словенија. Се надеваме дека ќе биде подобро.

 

Поврзани вести