Пораз и од Словенија, ЕП низ нишанот на третопласирани

Фото: РФМ

МАКЕДОНИЈА – СЛОВЕНИЈА 20-28 (11-12)
Петковска (13 одб), Арсениевска 5, Јанкуловска 3 - Војновиќ (14 одб), Фегиќ 6, Хрватин 5, Абина 5


Женската сениорска репрезентација на Македонија го запиша и вториот пораз во квалификациите за ЕП 2026. Подобри од македонските, беа ракометарките на словенечката репрезентација предводени од легедарен тренер, Драган Аџиќ.
Натпреварот се играше во Битола а посетата беше сосема солидна и најракометниот град го оправда епитетот и кога е женскиот ракомет во прашање.

Македонија резултатски не мина добро. Се повтори старата приказна, рамноправност и резултатска и играчка што трае 20-40 минути и потоа колапс.
На вечерашниот натпревар, Македонија беше во игра 45 минути, беше 18-20 кога почна комплетниот распад.
Нападот продаваше топки од напад во напад, Словенките се изнатрчаа во контра-напад, влегоа во серија, поведоа со 28-18, па уште и пропуштија уште повисоко да слават во Битола.

Ваквиот епилог е речиси ископиран од пред три дена во Гумерзбах. За среќа Словенија не беше толку растрчана како Германија, а и Драган Аџиќ не ги зема сите расположливи сили. Мора да бидеме и свесни за податокот дека денеска за противникот не играа Тјаша Станко, Ана Грос, Тамара Мавсар, Елизабет Омореги...

Причините за ваквите падови веројатно ќе бидат анализирани во РФМ. Прво што може да се смисли за пад по 20-30 минути игра е физичката спремност. Друго, лимитираноста на напаѓачките акции кои стануваат предвидливи, потоа ротацијата или кога зборуваме за противници како Германија и дури и оваа екипа на Словенија – разликата во квалитет.

По два пораза е јасно, Македонија шансата да се пласира на ЕП ќе ја бара како третопласирана репрезентација. За нив се бројат резултатите само со првите две селекции, па така веројатно нема да погрешиме ако кажеме дека Македонија со нула бодови ќе биде третопласирана. Засега има минус 24 гол-разлика и уште два дуела со Германија и Словенија по што негативната гол разлика ќе се зголеми.
Ако до крајот успееме од Германија дома и од Словенија на гости да освоиме барем бод, тој бод ќе биде сигурен билет за ЕП.
Патем треба да бидеме и подобри во двомечот со Белгија.







 

Поврзани вести