Foto: GRK Ohrid
ТУЛУЗ – ВАРДАР 1961 26-28 (11-18)
Летенс (6 одб), Илиќ 7, Фојхман 5 – Валах (8 одб), Малус 6, Хориха 4
Екипата на Вардар го совлада францускиот Тулуз како гостин и овие бодови искомбинирани со победата над Сесвете практично му ја отвори вратата од Главната рунда во ЕХФ Европската лига.
Победата на Вардар беше за очекување, македонскиот состав е подобар од францускиот, но докажувањето на гостински терен секогаш е предизвик.
Екипата на Тулуз од која летово заминаа седум играчи меѓу кои и Урош Митровиќ кој дојде во Вардар 1961, не ангажираше соодветни замени за да го одржи истото ниво од минатата сезона и тоа се рефлектира на резултатите и во француското првенство (10 место) и во ЕХФ Европската лига (втор пораз).
Вардар 1961 е поквалитетен состав и тоа го демонстрираше на секој начин во првото полувреме. Македонскиот тим беше фокусиран во одбраната, во нападот играше рационално и паметно и ги казнуваше грешките на француските ракометари кои се обидуваа да наметнат брз ритам.
Резултатот брзо почна да оди во корист на Вардар кој поведе со 11-6, потоа имаше и седум гола разлика и напаѓаше и за плус осум во последниот напад од првото полувреме.
Немоќта на Французите беше изразена и низ двата тајм аута на тренерот на Тулуз, Даниел Анѓелковиќ во првите 15 минути од мечот.
По 30 минути игра Вардар водеше со 18-11, на стартот на вториот дел беше и 20-11 и веќе го видовме како победник во овој дуел. Но...
Ритамот на игра целосно се промени во вториот дел. Тулуз го доби тоа што го сакаше во првото полувреме, а тоа е брза игра во која Вардар не се снајде. Почна да брани добро домашниот голман, се играше со кратки напади и Французите направија серија од 5-0.
Целосен пресврт беше на повидок во 46 минута кога Тулуз намали на 22-23. Но, следеше исклучување и седмерец и Вардар се искуба од тешката ситуација и одново имаше плус два.
Во 57 минута Јака Малус погоди за 27-24, потоа Тулуз загуби топка во напад, a Николас Боно постигна уште еден важен гол за 28-24 и Вардар беше одново во конфорна зона и дома се враќа со два бода.