Лазаров: Јапонија е противник каков што ни треба

Фото: РФМ

Првиот собир на репрезентацијата на македонската јавност и овозможи на спортската јавност да го покачи за момент адреналинот како предигра за настаните што веќе станаа јануарска традиција, да се следи настапот на националниот тим на големо натпреварување.

Македонската репрезентација откако Кирил Лазаров ја презема селекторската позиција е во постојана фаза на транзиција и сѐ уште го нема достигнато својот максимум. Градиме нов стил на игра, брз ракомет што веќе одамна се практикува низ Европа, но кај нас тоа благо речено е комплицирано да се изведе, затоа што на клупски план ракометот е поставен за да донесе на краток рок резултати и се базира на купување на странски играчи, готови производи што на клупски план ќе го подобрат статусот на македонскиот ракомет во Европа, но репрезентативно ефектот е друг.

Алкалоид и Еурофарм Пелистер се издвоија како клубови што се костур на репрезентацијата, спојувањето на репрезентативците од овие две средини и хемијата меѓу нив ќе биде клучна за опстанокот на ова ниво. А нивото е постојано напаѓано од многу други репрезентации и за белја на ЕП ќе имаме два противника кои имаат реален капацитет за медал. Златото е речиси резервирано за домаќинот Данска, а Португалија има таков колектив што можат да победат кого било.

Македонија има млада репрезентација во која сме блиску до комплетирање на смената на генерацијата, тим во кој најголемиот дел од играчите се на возраст до 25 години и вистинското од нив се очекува во следните пет години.
Брзиот начин на играње носи и брзо размислување, антиципирање и подобрувањето на рефлексите, моторичките способности сето тоа треба да се вклопи во систем, а тој систем треба да се тестира.
Во сабота на терен против нас ќе биде најбрзата репрезентацијата на светот – Јапонија. Брзината е генетска одлика на нивните ракометари и без разлика дали ќе ги победиме или нема, тест против таков стил на игра е добредојден.
 

„Натпреварот со Јапонија го договоривме уште во текот на летото. Тони Џирона е селектор на оваа селекција, која негува брз, динамичен и интересен стил на игра.
Овие два меча ќе ги искористиме за пробување нови варијанти и подобрување на одредени сегменти во нашата игра. Имаме добра можност за подобрување на некои варијанти во играта, кои можеме понатаму да ги искористиме на големите натпреварувања.
Јапонија е противник по мерка за нас, знаеме на што треба да внимаваме против нив.
Тие се брза и тркачка репрезентација која учествуваше на Олимписките игри. Тоа е сериозно ниво. Ние треба да го следиме трендот на брза игра и да се адаптираме на новините во светскиот ракомет.
Ќе им дадеме шанса на некои помлади играчи со голем потенцијал. Максимално ќе ги искористиме овие 5-6 дена, ќе одработиме пет тренинзи со полесен интензитет. Ќе се фокусираме на детали што можат да ни бидат од корист во иднина“, изјави Лазаров.


Веројатно поради ланските внатрешни недоразбирања во тимот на Јапонија нема да видиме дел од европските играчи и нам добро познатиот Косуке Јасухира. Нема да бидат дел и македонските Јапонци од Вардар и Бутел, но сигурно ќе има играчи што ќе ги направат двата дуела атрактивни и ќе бараат од македонските ракометари да се вложат комплетно на натпреварите.

Мечот што е отворен за јавност ќе се игра на 1 ноември во 16:00 часот во Куманово.

Поврзани вести