- 
            
            28.10.2025
        
- 
                          
                Македонски ракомет
        
        Фото: Роберт Спасовски/Екипа.мк
Утре во Скопје во организација на спортско радио 90.3 фм по повод нивниот јубилеен 20 роденден ќе се одржи невообичаен за наши услови настан во кој на терен ќе ги видиме најпознатите македонски ракометари од минативе години на дуел со познати ракометни имиња од кои дел играле во Македонија, дел ќе бидат специјални гости. Денеска се одржа финалната,, официјална прес-конференција пред утрешниот натпревар што ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 19:00 часот, но апелот е да се биде во салата барем еден час порано, затоа што ќе има и богата програма.
На денешната прес-конференција присутни беа легендарниот хрватски стратег кој има и македонски пасош, Лино Червар, легендите на македонскиот ракомет Филип Миркуловски и Стојанче Стоилов, како и рускиот ракометар кој играше за Вардар, Данил Шишкарев.
„Немам зборови како да се заблагодарам. Секој ден размислувам за Македонија и мојата втора татковина. Многу сум среќен што сме тука денеска со моите пријатели и моите поранешни играчи. Спортот е единствено нешто кое може да ги спои луѓето. Соперниците стануваат пријатели, непријателите стануваат пријатели. Мораме да ги учиме децата што е спорт и да го сакаат спортот“, изјави во своето излагање Лино Червар.
„Голема чест ми е да бидам тука и во среда да излезам на теренот во „Јане Сандански“. Бев до салата на мечот на Вардар со Бутел и многу спомени ми врати влезот во „Јане Сандански“. Мило ми е што во среда ќе бидам со момците со кои поминав убави денови во Вардар и во Скопје“, изјави поранешниот ракометар на Вардар, Данил Шишкарев.
Од домашниот македонски тим зборуваа Филип Миркуловски и Стојанче Стоилов.
„Чест и задоволство е да се биде тука со легендите на македонскиот и европскиот ракомет. Утре може да ви ветам голема забава, а за квалитетот не можам да гарантирам. Ве поканувам да дојдете и сите заедно да се дружиме“, изјави Миркуловски.
„Ќе ми биде чест да го делам теренот со играчи со кои што настапував во мојата кариера и ќе можеме на еден убав начин да им го честитаме роденденот на Спортско радио“, изјави Стоилов.
Билети за настанот може да се купат онлајн на ticketx.com.mk, и во билетарницата на СЦ Јане Сандански по следниве цени и категории:
• Блок 3, 8, 11 и 16 – 300 ден.
• Блок 1, 2, 9 и 10 – 400 ден.
• Блок 4, 5, 6, 7, 12, 13, 14 и 15 – 600 ден.
• Блок А2, А3, А5 и А6 – 800 ден.
• Блок А1 и А4 – 600 ден.
• ВИП Партер – 3.000 ден. (само 50 билети)
    
   
    
    
    
 
 Поврзани вести