Враќањето на Филип Талески во домашниот шампионат, барем засега се покажа како кратка авантура по која еден од македонските ракометари со најголем потенцијал можеби одново ќе оди да игра надвор од земјата.
Филип Талески имаше клучни потези и голови за Вардар и му донесе Куп пехар на црвено-црниот тим на фамозниот Ф4 во Охрид пред да замине во Португалија каде што настапуваше за екипата на Бенфика.
Оттука и не беше големо изненадување кога на почетокот на сезоната беше објавено неговото враќање во Вардар, иако претходно и ГРК Охрид потврди дека е заинтересиран за неговите услуги.
По само два месеца во Скопје, Филип Талески заминува од клубот, поради како што вели, недоразбирања.
„Точно е дека заминувам од Вардар, на мое барање. Имавме состанок, раскинот е договорен, останува да го формализираме“, изјави Талески за Mkdhandball.
Во меѓувреме се појавија и шпекулации за негов трансфер во странство, но Талески демантира дека има договорено нов клуб.
„Немам нов клуб, засега останувам дома. Ќе тренирам овде додека не се отвори нова опција“,
вели Талески кој и оваа сезона одигра одлично во клучните моменти на големото дерби со првакот Е. Пелистер и постигна многу важни голови во финишот на дербито во кое Вардар 1961 му го нанесе првиот пораз на Еурофарм Пелистер во Суперлигата.