Фото: Роберт Спасовски/Екипа
МАКЕДОНИЈА - ЈАПОНИЈА 31-32 (17-16)
Томовски (11 одб), Серафимов 7, Костески 4, Кузмановски 4...
Македонија и Јапонија одиграа два контролни натпревари на кои по еднаш победија и двата тима. Попладнево во Куманово, на мечот отворен за јавност на победа се радуваше јапонскиот тим (32-31), на меч кој измами аплаузи од кумановската публика.
Двете репрезентации го оправдаа имиџот на екипи што (сакаат да) играат брзо. Кај Јапонците тоа е генетски момент, кај Македонците стратегија што сизифовски се бутка напред и која на секој чекор има некаква опструкција.
Но, ракометарите во националниот тим се чини го имаат прифатено моментот дека треба да играат брзо за да бидат конкурентни со другиот, поквалитетниот, дел од ракометната Европа, па попладнево сосема рамноправно се носеа во тој сегмент со најбрзиот тим на светот.
Ревија на убави моменти, многу ракомет, а малку дуели во првата фаза од мечот, би додале карактеристично за контролен меч среде сезона. Македонија водеше и диктираше ритам на почетокот, но во 20 минута, Јапонија водеше со резултат 13-10.
Потоа следеше серија од 6-0 за македонскиот тим кој поведе 16-13, пред Јапонците да се вратат во ритам и на одмор се замина со резултат 17-16 за Македонија, благодрение на двојната интервенција на Мартин Томовски кој во првиот дел запиша осум одбрани. Мартин Серафимов и Ненад Костески со по четири голови беа најефикасните во македонскиот состав во првиот дел. Мечот доби малку поинакви карактеристики во второто полувреме, особено во дефанзивниот дел, иако резултатски немаше поголемо отстапување. Ритамот беше гол за гол, а Македонија во 40 минута и натаму имаше гол предност (21-20).
Широк репертоар на акции и шутеви демонстрираа и Јапонците и одржуваа резултатски ритам, успеаја и да направат серија и од 22-24, да поведат со 25-24 во 47 минута од натпреварот по што Кирил Лазаров побара тајм аут.
Неколку грешки на нашиот тим во нападот во следниот период им отвори пат на Јапонците кон победа, затоа што во 50 минута поведоа со 28-25, највисокото водство на противникот на мечот до тој момент.
Џонов и Ивановски постигнаа погодоци со кои македонскиот тим ја бркаше негативата и стигна до 28-29 во 54 минута кога селекторот на Јапонија, Тони Џерона побара тајм аут.
Во последните пет минути се промени ритамот и вистински се разгоре на теренот, Томовски одбрани, а Кузмановски погоди за 29-29, потоа Костески за 30-30, но и Јапонците беа безгрешни и наоѓаа простор низ одбраната за погодат.
Македонија во последната минута напаѓаше за израмнување, имаше и тајм аут за финален договор, но акцијата што отиде за вишок кон крилото Иван Џонов за шут, заврши со одбрана на јапонскиот голман.
До крајот останаа уште 17 секунди и тајм аут за Јапонија, а нивната финална акција заврши со одбрана на Мартин Томовски, но Македонија не успеа да организира контра напад за гол. Остана само шут од девет метри што заврши во живиот ѕид и Јапонците се израдуваа на победа.