Германија промовираше дефанзивец, го викаат „Монструм“

Благодарение на малата застапеност на ракометот во медиумскиот простор, за што голема заслуга има медиумско-маркетиншката политика на надлежните ЕХФ и ИХФ,
Европските и Светските првенства главно се настаните на кои светска промоција добиваат нови имиња, а широката јавност има еден прозорец од 15-тина дена да ги види забележи и по можност запамети сѐ до следниот јануари.

Неделата на ЕХФ накратко го разгоре пламенот и го најави следното ЕХФ Еуро, а скандинавскиот јануари нема да биде исклучок и по прашање на новите ѕвезди на кои ќе треба да се обрне внимание.
Шпанија ги промовираше Пабло Урдангарин и Марко Фис, едниот внук на кралот на Шпанија, другиот син на кубански имигрант.
Холандија го промовираше Рение Табоада, уште еден кубански имигрант, ракометар што во Македонија е (по)добро познат затоа што играше за Еурофарм Пелистер.

Приказната на денот сепак не е Шпанија ниту Холандија, туку Германија и нивниот дебитант.

Времињата кога Оливер Рогиш ги разглобуваше противничките напаѓачи ги паметат сега веќе повозрасни фанови, по него дојдоа Патрик Винцек и Хенрик Пекелер за кои сеќавањата се посвежи, а трендот ќе продолжи со 24 годишниот сепцијалист за одбрана Том Кислер. Запаметете го ова име и по можност следете го кога ќе имате можност да го гледате Гумерзбах или пак германската репрезентација. Гарантирано ќе видите многу мака и страдање на противничките бекови.

Неговото семејство е ракометно со традиција. Неговиот прадедо играл за Гумерзбах и го има на фотографии стари 100 години. Неговиот татко е во клупската управа.
Том Кислер има и свој прекар во Бундеслигата, од викендов и во репрезентацијата. Го нарекуваат „Monster“. Застана во дефанзивната формација до Јоханес Гола кој веќе има статус на ѕвезда и по само два меча за Германија доби лавина пофалби од соиграчите, особено од голманот Андреас Волф кој е нормално, командант на одбраната.

Комбинирајте ги импресиите на (врвните) соиграчи и прекар „Monster“ заработен во лига каде што севаат искри во стартовите и без да го гледате веројатно ќе имате точна слика за каков играч се работи.
Инаку игра на позиција лев бек, висок е 194 сантиметри и дозволено му е да преминува и на противничката половина.

Германија на ЕП 2026 ќе игра во данскиот град Хернинг исто како и нашиот тим, но за среќа овој пат нема да игра против Македонија во Групната фаза. Германците се во група со Шпанија, Австрија и Србија. Дали ќе имаме можност во живо да го гледаме Кислер, ќе видиме. Алфред Гисласон веќе има еден дефанзивен специјалист, дали ќе води двајца на ЕП е отворено прашање. Како и е да, не се сомневаме дека наскоро цената на Том Кислер ќе порасне, за ќе се заинтересираат поголеми имиња и почесто ќе го гледаме во репрезентацијата.

Поврзани вести