Фото: МРК Куманово
МРК КУМАНОВО - ГРК ТИКВЕШ 27-28 (15-12)
Стојков 8, Ончев 7 - Цејовиќ 8, Димовски 6
Екипата на МРК Куманово не успеа да ја запре серијата на порази која се искачи до бројката девет, иако вечерва беше многу блиску да освои барем бод на натпреварот со ГРК Тиквеш што се играше во салата „Куманово“.
Домашниот состав беше подобриот тим во првото полувреме и откако поведе со 5-2 до крајот на првото полувреме успешно одржуваше предност од два до три гола по 30 минути беше 15-12.
Кумановци поведоа и со максимални плус четири (20-16) во 38 минута од мечот.
Но, тоа водство не беше потстрек за да го скршат комплетно отпорот на гостите, туку напротив, се разбудија ракометарите на ГРК Тиквеш и со серија од 5-0 го свртеа резултатот во своја корист (21-20).
Од тој момент до крајот на натпреварот се играше гол за гол, а ритатмо го диктираше екипата на ГРК Тиквеш.
Во финишот гостите поведоа со 26-24, но следеа два брзи гола на кумановци кои израмнија на 26-26 на нешто повеќе од една минута до крајот. Кавадарчани преку Мијушковиќ поведоа со 27-26, а шансата домашните да освојат бод(ови) пропадна во следниот напад кога промашија пенал. Потоа Тиквеш поведе со 28-26, а домашните успеаја само да го ублажат поразот со гол од седмерец.