Марко Митев: Спремен сум и мотивиран, одиме напред!

Фото: РК Алкалоид/Филип Вирановски

Со убава вест РК Алкалоид ги израдува своите навивачи и фановите на македонската репрезентација. На последниот суперлигашки натпревар, дуелот со РК Струга од десеттото првенствено коло натпреварот го почна Марко Митев, еден од најдобрите македонски ракометари кој за жал долго време беше отсутен од теренот поради повреда.
Марко Митев имаше ограничена минутажа, постигна два погодока и одново го почувствува теренот и жарот на играта. Неготово враќање е во рамките на лекарските прогнози, следно е умерено засилување на ритамот и во долгедно време враќање на самодовербата и формата. Најважното во моментов е дека не чувствува последици од повредата и дека може да ги издржи напорите.

„Поминаа осум месеци откако ми се случи повредата. Минатиот период, веднаш по успешно изведената операција беше период на мое постепено враќање. Процесот на физикалните рехабилитации и индивидуалните кондициски тренинзи кои ги поминав, направија да се чувствувам доволно силен и спремен после 8 месеци да им се вратам на натпреварите“, вели Марко Митев за mkdhandball.




Периодот беше тежок за еден од носителите на играта на Алкалоид и репрезентацијата. Го пропушти крајот на сезоната, беше постојано со тимот, но не можеше да помогне. Конечно, дојде крајот на чекањето, а има доволно време да се врати во посакувана форма и за Европското првенство и за плејоф сезоната во Суперлигата. Поддршката што ја добиваше беше уште еден мотив повеќе да се издржи.

„За целиот период на враќање имав огромна поддршка и од моите соиграчи, моите тренери и управата на клубот, што особено многу ми значеше. Многу ми недостигаше играта на теренот и сега кога после паузата им се вратив на натпреварите мислам дека сѐ си доаѓа на свое место.
Се чувствувам спремен и мотивиран да продолжам онаму каде што застанав. Свесен сум дека сѐ ова низ кое поминав е дел од спортот за кој сум се одлучил и цврсто одиме понатаму!

Поврзани вести