-
10.11.2025
-
Македонски ракомет
Фото: ГРК Охрид
Македонскиот претставник во ЕХФ Европската лига утре ќа има можност да стави печат на пласманот во Главната рунда во ова натпреварување. По победите над Тулуз на гости и над Сесвете во Скопје, Вардар 1961 ќе оди на второ гостување, овој пат во Шведска кај екипата на Кристијанштат.
По вчерашното дерби со Алкалоид, црвено-црните најверојатно ќе бидат без Вуко Борозан, но покажа на дербито Вардар дека има доволно широк ростер на ракометари за да победува на тешки натпревари.
Швеѓаните исто како и Вардар сезонава во ЕХФ Европската лига се непоразени. И тие го победија Тулуз како гости, но на второто гостување кај Сесвете „кикснаа“ и одиграа нерешено.
Ако Вардар утре победи, со шест бода на конто и два меча што ќе треба да ги игра на домашен терен, практично ќе биде пласиран во следната фаза на ова натпреварување.
Шведскиот тим го паметиме од некогашните настапи во Лигата на шампионите. Четири сезони по ред од 2015 до 2019 играше против Вардар во групната фаза и на сите осум натпревари победи македонскиот тим.
И во двата состави тогаш имаше многу попознати имиња отколку што играат денеска, но се надеваме дека е воспоставена убава традиција што не треба да биде прекината.
Елиот Стенмалм е најпознатото име во шведскиот тим. Не толку назад во времето, пред само пет години беше најдобриот стрелец на У19 ЕХФ Еуро и беше во идеалниот тим, рамо до рамо со Франциско Кико Кошта и Рејнарс Усчинс. Тоа му донесе трансфер во полскиот Келце, но таму конкуренцијата беше пресилна за младиот Швеѓанец и по само една сезона се врати во Шведска, прво во Истад, сега во Кристијанштат.
Друго име што отскокнува е ветеранот Емил Френд Офорс (31). Тој е лево крило, а своевремено (2017-18) беше регрутиран и одигра една сезона во големиот Кил.
Најголемата индивидувална опасност за Вардар 1961, доаѓа од централната бековска позиција каде што главниот збор го има Аксел Мансон (20). Означен е како суперталент, заигра за сениорската репрезентација на Шведска на последнава недела на ЕХФ и постигна спектакуларен гол против Шпанија со што го сврте вниманието на јавноста кон себе и со тоа се врши притисок да биде повикан на ЕП во јануари. На Светското јуниорско првенство одржано летово, беше најдобар среден бек и втор стрелец на мундијалот.
Натпреварот ќе се игра утре во Кристијанштат Арена со почеток од 18:30 часот, а ќе ја судат Австријци – Радојко Бркиќ и Андреј Јусуфхоџиќ.
Поврзани вести