-
14.11.2025
-
Планета ракомет
Вистинска драма се одигруваше пред очите на повеќе од 4200 гледачи во салата „Легионово“ во полскиот град Келце, каде што во меч од Лигата на шампионите се сретнаа Келце и данскиот Алборг.
На 30 секунди до крајот Келце водеше 32-30, на 10 секунди до крајот водеше 32-31 и имаше тајм аут на кој наредбата на тренерот Талант Душебаев беше да не се шутира на гол.
На пет секунди до крајот топката стигна до Артјом Каралек кој беше осамен пред голманот Ландин. Тој мораше да шутира, во спротивно ризикуваше да биде досуден седмерец против нив поради задржување на време.
Веројатно и марвеловиот Др. Стрејнџ во неговите безбројни варијации би имал само една во која Алборг стигнува до реми. Каралек да му ја додаде топката на Ландин.
Точно тоа и се случи. Белорусинот можеше да шутне во голман, да направи престап, да го промаши голот... што и да направеше ќе истечеше времето и Келце ќе победеше.
Но, ѓаволот го тераше да го лобува два метра високиот Ландин и практично му ја додаде топката, на околу четири секунди до крајот. Потоа следеше брза реакција од голманот кој додаде до Јури Кнор, овој ја исфрли во контранапад каде што Бустер Јул практично со еден допир ја проследи до голот.
Салата замре, се чекаа шпанските судии, а тие пресудија дека голот е регуларен.
Но, голот не беше регуларен.
Полската телевизија ја замрзна сликата во моментот кога семафорот во салата покажа 60:00. Во тој момент, Бустер Јул ја имаше исфрлено топката, но таа не беше во голот, не беше стигната ниту до голманот. Правилата велат дека мора да ја мине гол линијата.
Но, во Лигата на шампионите освен на Ф4 турнирот не се користи гол-линија технологија, односно камера монтирана на голот и ги нема црвените светла кои сигнализираат кога играта е во прекин.
Оттука и шпанските судии не можеа да ја проверат одлуката и останаа на сопственото уверување, а тоа во случајов е погрешното.
Полскиот клуб, пак, веќе објави дека нема да се жали и резултатот ќе остане 32-32.
Поврзани вести