Вардар го враќа првото место во ЕХФ Лига

Фото: РК Вардар 1961

Поразот на Вардар 1961 во Шведска минатата недела не ја промени, туку само ја одложи за едно коло промоцијата на македонскиот вицепрвак како учесник во Главната рунда на ЕХФ Европската лига. Со скор од две победи и еден пораз, црвено-црните се со едната нога во следната фаза и многу брзо ќе дојде разрешницата во групата.
Кристијанштат за момент е прв на табелата, но утре Вардар 1961 ќе има шанса со победа одново да се врати на првото место, а потоа во следните две кола во кои ќе се сретне со Сесвете на гости и со практично отпишаниот Тулуз, со една победа да го верификува пласманот.
Натпреварот меѓу Вардар 1961 и Кристијанштат ќе се игра во салата „Јане Сандански“ со почеток од 18:45 часот а ТВ пренос ќе има на МТВ 3 и на ТВ Арена Спорт.
Во годинешниот систем во ЕХФ Европската лига, што последен пат се игра, нема да има разлика за Вардар 1961 дали во Главната рунда ќе влезе како првопласиран или второпласиран. Сеедно, првиот меч од Главната рунда, во февруари следната година ќе го игра на домашен терен. Ако е прв против Е1, ако е втор против Е2. Во последното коло, ќе оди на гости кај истиот противник.
Во моментов, Е1 е Мелзунген, Е2 е Бенфика.

ТАБЕЛА
1. Кристијанштат (5 бода), 2. Вардар 1961 (4), 3. Сесвете (3), 4. Тулуз (0)





 

Поврзани вести