Фото: РК Алкалоид/ Филип Вирановски
РК АЛКАЛОИД – ГРК ТИКВЕШ 33-24 (14-13)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Виктор Начевски и Даниело Божиновски
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ (14 одб), Галевски, Џонов 1, Тордарсон 2, Маркоски, Никола Костески 5, Серафимов 5, Карасманакис 3, Стојковиќ 3, М. Митев 2, Ѓоргиев 4, Велковски 1, Ненад Костески, Д. Митев 1, Аларов, Ѓорговски
Седмерци: 5/5 Исклучувања: 2 мин.
ГРК ТИКВЕШ: Панов ( 2 одб), Печурица (8 одб), Христоски 1, Магду 5, Стојановски 2, Цејовиќ, Велков, Петревски, Димовски 1, Лазов 1, Тајник 1, Коцев 2, Симиќ 2, Цветковски 5, Мијушковиќ 4, Гришикашвили
Седмерци: 6/7 Исклучувања: 6 мин.
Враќањето на терен на Никола Костески беше клучниот момент од овој мини-дерби натпревар во македонската Суперлига. По неколку месеци пауза, Алкалоид прв пат сезонава ги имаше на терен струшките браќа, а повратникот во тимот веднаш потсети на своите убави моменти и беше еден од креаторите на водството од 7-3 на почетокот на мечот.
Но, како и многупати досега, Алкалоид не го прекрши натпреварот кога имаше шанса. Следеше период во кој домашните осум минути не постигнаа гол, а кавадарчани со три седмерци по ред се вратија во игра и во 13 минута беше 7-7. Една минута подоцна прв пат на натпреварот водеше гостинската екипа. Голманот Василије Печурица имаше клучна улога во овој дел од натпреварот и собра шест одбрани за 16 минути игра, а гостите поведоа и со 9-7 комплетирајќи серија од 6-0.
Алкалоид израмни на 9-9, потоа имаше напад за водство при 10-10, но одново врзаа грешки во нападот и во 23 минута Тиквеш одново имаше плус два (12-10). Две минути подоцна беше 12-12, а Алкалоид во водство се врати во 27 минута (13-12). До крајот на првиот дел, уште по еден гол постигнаа и двата тима и на одмор се замина со резултат 14-13.
На стартот на вториот дел одново доминираше Алкалоид кој поведе со 21-15 по десет минути игра и ја одржа разликата. Одбраната стана посилна, стигнаа голови од транзиција и во 44 минута беше 24-17.
До крајот на натпреварот немаше поголеми резултатски турбуленции. Разликата се искачи и на десет гола и Алкалоид ја запиша деветтата првенствена победа, а ГРК Тиквеш шестиот пораз.