Која е Дукла Прага: Тим со славно минато и просек во сегашноста

Фото: ГРК Охрид

Македонскиот претставник во ЕХФ Куп, екипата на ГРК Охрид има неколку големи причини за частење по денешната ждрепка со која беа одредени паровите во 1/8 финалето на ЕХФ Европскиот Куп.

Првата и најважната првичина за убаво расположение покрај езерото е што охриѓани во 1/8 финалето ќе играат со екипа што не би требало да биде голема опасност по нивниот пласман меѓу најдобрите осум. За противник ја имаат екипата на Дукла Прага, минатата година третопласиран тим во Чешка, годинава по 10 кола, екипа што е на шестото место.

Другите две причини за задоволство се што во 1/8 финалето меѓусебе ќе играат екипите на Татабања и Рунар Сандефјорд, односно Целје и Бешикташ.
Гледано најмалку еден чекор напред, тоа значи дека два силни тима што реално можеа да бидат проблем за охриѓани ќе се симнат од сцената во 1/8 финалето.
Таквиот исход на ждрепката ги стави меѓусебе и екипите на Брно против Бурса, односно Коњух против Бузау, па во следната ждрепка ќе има и најмалку два аутсајдера.

ДУКЛА ПРАГА, КАКОВ КЛУБ Е НА МЕГДАН СО ОХРИД?
Дукла Прага е клуб со славно минато и не многу блескава сегашност. Верувале или не, тие се трикратни европски шампиони (1957, 1963, 1984) и двапати загубиле во финале на ЛШ. Шампиони на Чешка биле трипати (1994, 2011, 2017), а прваци на Чехословачка дури 28 пати!
Во помодерното време, најголемите европски успеси не се бројат со пехари. Најдоброто остварување им датира од пред 10 години кога играа во Лигата на шампионите и во своето резиме имаат меѓудругото запишано и една победа над Кил и едно полуфинале во ЕХФ Европскиот Куп.

СЛАВНИ ИМИЊА ВО РОСТЕРОТ
Бројни славни имиња имало во ростерот на Дукла Прага, но тоа се играчи што доминирале пред повеќе од 50 години. Традицијата не ја загубиле, па од познатите ракометари што го носеле дресот на Дукла Прага, во помодерното време ќе ги издвоиме Филип Јиха, Јан Филип, Даниел Кубеш, Роман Бечвар, Рихард Штохл, Петр Штохл, а од актуелната генерација, нивни питомец бил Матеј Клима.

ЕДЕН СТРАНЕЦ ВО ТИМОТ
Дукла Прага е клуб зад кој стои Министерството за одбрана на Чешка и во нивната преамбула е наведено дека се клуб кој има за примарна цел да креира и обезбеди услови за развој на домашни спортисти во младинска и сениорска конкуренција што ќе се натпреваруваат во највисоките степени во домашното првенство и во Европските купови.
Во моментов нивниот состав е речиси комплетно составен од чешки ракометари, со еден исклучок, пикерот Матуш Моравчик кој доаѓа од Словачка.
Тренер на екипата е познато име, поранешниот селектор на Чешка (2014-2021), Даниел Кубеш.

РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИ
Селекторот на Чешка, Хавиер Сабате за настапот на СП 2025 во ростерот имаше тројца ракометари на Дукла Прага. Тоа се левото крило Јан Блеча, левиот бек Јонаш Јозеф и десниот бек Мартин Раковски. Но, во ростерот за натпреварите единствено место имаше за Јан Блеча.
Имаат еден кадетско-јуниорски репрезентативец, тоа е левиот бек Доминик Кушнер.
Овој квартет е реално и најголемата опасност за охриѓани. 

СЕЗОНСКИ РЕЗУЛТАТИ
Дукла Прага до 1/8 финалето дојде откако ги елиминираше романската Констанца и грчката екипа Драма (лани го елиминираше Тиквеш).
Запиша четири победи и особено беа импресивни против Констанца со која и двата меча ги одиграа на гости и на првиот победија со 10 гола разлика, а на вториот со три.
Против Драма победија со седум гола разлика на мечот што го играа во чешкиот Мост, а потоа победија минимално и во Грција.
Во првенството на Чешка имаат скор од седум победи и три порази и со 14 бода се наоѓаат на (делба) четврто-шесто место.

Натпреварите меѓу ГРК Охрид и Дукла Прага ќе се играат во февруари, а доколку не се договорат за двојно домаќинство, организатор на првата средба ќе биде ГРК Охрид.

ЕХФ Европски Куп:
ГРК Охрид (Македонија) – Дукла Прага (Чешка)
Олимпијакос (Грција) – БК46 (Финска)
Бањик Карвина (Чешка) – Балатонфуреди (Унгарија)
Целје (Словенија) – Бешикташ (Турција)
Извиѓач Љубушки (БиХ) – Тримо Требње (Словенија)
Брно (Чешка) – Бурса (Турција)
Татабања (Унгарија) – Рунар Сандефјорд (Норвешка)
Коњух (БиХ) – Бузау (Романија)

Поврзани вести