Photo: Mkdhandball/ Radovan Vujovic
Помина еден месец откако актуелниот европски првак Магдебург, убедливо со 10 гола разлика го совлада тимот на Е. Пелистер, а сега следува возвратниот дуел што ќе се игра во Битола.
Овој германски тим е веројатно најсилниот колектив во светот во моментов. Во „Боро Чурлевски“ доаѓа со скор од максимални осум победи, меѓу кои е запишан и триумф во „Блауграна“ во Барселона.
Европската репутација на Еурофарм Пелистер, пак, се темели на атмосферата во Битола повеќе отколку на играта. Амбиентот во „Боро Чурлевски“ е првото што го споменуваат и апострофираат сите гости, а не е исклучок ниту европскиот шампион.
„Очекувам натпревар со многу страст и емоции“, изјави тренерот на Магдебург, Бенет Вигерт во пресрет на натпреварот.
„Со нетрпение го очекувам овој меч. Сите ние сакаме полни сали и специјална атмосфера, па ќе биде ‘кул’ да се игра таму. Тоа може да не поттикне да играме уште подобро“, резимираше тренерот на актуелниот европски шампион.
Истиот став го има и голманот кој ја одработува последната сезона во Германија и полека одбројува до трансферот во Барселона.
„Имаат луда публика и посебна атмосфера во арената. Ќе биде навистина тежок натпревар. Како и секогаш, ќе мораме да играме со полна сили. Ако сме концентрирани на нашата игра, ќе победиме“, изјави голманот на Магдебург, Сергеј Хернандез.
Натпреварот ќе се игра утре (среда) со почеток од 20:45 часот.