Добар почеток на Е. Пелистер, па следеше колапс

Фото: РК Еурофарм Пелистер

ЗАГРЕБ – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 27-23 (14-12)
Мештриќ (12 одб), Главаш 10, Бељавски 4 – Хеидарирад (6 одб), Кузмановски 7


Екипата на Еурофарм Пелистер ја пропушти големата шанса да заигра (по)важна улога во групната фаза од Лигата на шампионите. Вечерва битолскиот клуб беше поразен на гостувањето во Загреб, кому оваа победа му беше првата во сезоната во ЛШ.
Не е сѐ загубено за Е. Пелистер, но сега му треба поинаков развој на настани за да стигне до нова шанса да игра во елиминациите.

Еурофарм Пелистер денеска во Загреб почна резултатски одлично. Поведоа со 5-1 ракометарите на македонскиот првак, одбраната одлична, Хеидарирад одличен, Видомски и Кузмановски одлично стартуваа, а Загреб се чинеше исфрлен од игра по само 10 минути. Притиоа, на ова водство пропуштија и два напада за плус пет.
Таквите пропуштени шанси се вратија за наплата. Загреб постигна два гола, намали на 3-5, се врати во игра, а бавната игра на Е. Пелистер во нападот му даде доволно време да земе здив и без паника полека да се враќа во игра. Во 16 минута беше 5-6, во 21 минута Загреб прв пат на натпреварот израмни (8-8).

Се помалку функционираа и одбраната и напаѓачите. Се потрошија опциите на бековите па во ротацијата на тренерот Гарабаја влегоа Хаџиќ и Хосни.
Но, Загреб одржа ритам и на одмор замина со предност од 14-12.

На почеткот на второто полувреме, во редовите на домашниот тим блескаше голманот Сандро Мештриќ, нивното ново засилување.
Во првите 15 минути овој голман имаше 70% одбранети удари, а битолските ракометари постигнаа само 1 погодок до 40 минута.
Епилогот – водство на Загреб од 19-13 во 40 минута.

Водство од шест, пет, четири гола до 58 минута имаа домашните ракометари, а гостинскиот состав не го промени ритамот на игра и следствено не ни можеше во неколкуте минути што му преостанаа да направи поголем притисок.
Кога намалија на минус три, (22-25) веќе беше 58 минута во тек и немаа проблеми загрепчаните до крајот да ја задржат предноста и да ја запишат првата победа во ЛШ сезонава.

Поврзани вести