Фото: РК Еурофарм Пелистер
ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – ВАРДАР 1961 28-23 (13-10)
Хеидарирад (12 одб), Радивојевиќ 9, Пешевски 6, Кузмановски 6 - Валах (7 одб), Митровиќ 5, Хориха 5
Еурофарм Пелистер го доби домашното дерби со Вардар 1961 и му го нанесе првиот пораз на црвено-црниот тим во тековната сезона.
Вардар и натаму е на првото место на табелата, но веќе не е доминантен, а битолчани покажаа дека има слабости и во екипата на Иван Чупиќ и ја разгореа битката за шампионската титула.
Домашниот тим тргна агресивно, но Вардар прв презема контрола врз натпреварот. Најмногу благодарение на полскиот голман Милош Валах кој со два (од два) одбранети седмерци и најмалку три зицери во воведните минути буквално ја исцеди самодовербата кај дел од ракометарите на Е. Пелистер.
Вардар и самиот не искористи некои шанси, но поведе со два-три гола разлика (7-4, 8-5). Потоа запре доминацијата на Валах, но Малус и Хориха имаа решенија во нападот и Вардар одржуваше водство.
Во 20 минута Иван Чупиќ ротираше и во игра место Хориха и Малус влегоа Борозан и Боно. Од тој момент до крајот на првиот дел Вардар не постигна гол. Успеаја да продуцираат неколку изгледни шанси, но Хеидарирад кој влезе во последните 10 минути и беше несовладлив за нив.
Така Е. Пелистер од минус два стигна до плус три и на одмор замина со водство од 13-10.
Вардар во вториот дел се обиде да надополни тоа што го прокоцка во последните 10 минути од првото полувреме, но не одеше. Ритамот што беше воспоставен им одеше во прилог и откако го издржа првиот бран, поведе и со шест гола разлика (21-15).
Вуко Борозан се разигра, а Вардар со три гола во серија намали на 18-21, но Борозан заработи исклучување во акција што заврши со седмерец што го изнуди Пешевски а го реализираше Радивојевиќ.
Тоа се случи во 48 минута и тука беше крајот на надежите на Вардар. Следеа уште два гола во мрежата на Васил Гогов и потоа беа поголеми тешкотии на задоволство домашната публика го одржа водството за конечни 28-23.