2025 ВО ЕДНА ФОТОГРАФИЈА

Фото: Филип Вирановски/РК Алкалоид

Годината што измина, како и секогаш ни ја понуди уникатната можност да погледнеме назад и да резимираме што се случуваше на ракометен план минатите 365 денови.
Умерено турбулентна, со неколку нови моменти, 2025 беше успешна ракометна година за македонскиот ракомет.


Од мноштвото настани, кога ќе подвлечеме линија, целата 2025 можеме да ја сместиме во една единствена фотографија што има многу подлабока симболика и го отсликува карактерот на македонскиот ракомет. Не е тоа само фотографија на годината, таа е дел од историјата на македонскиот ракомет.

Кренатите раце на младиот голман Иван Галевски од РК Алкалоид кон преполната трибина ултраси на грчкиот клуб АЕК среде Атина во големото финале на ЕХФ Европскиот Куп, видени низ објективот на Филип Вирановски на меч што на РК Алкалоид му ја донесе првата европска титула ја сумира низ пиксели целата ракометна 2025.
Победата на РК Алкалоид во Атина, освоениот пехар во ЕХФ Европскиот Куп е настанот број 1 во годината што измина.
Во Македонија пристигна четвртиот европски пехар, извојуван од клуб во кој 90 % од играчите се домашен производ, екипа што игра во стил креиран од најголемата ракометна легенда на Македонија, Кирил Лазаров и што стана база на македонски репрезентативци и столб на националниот тим.

Целата 2025 беше полна со моменти што ќе му дадат нови смерници на македонскиот ракомет. Традиционално, јануари почна со настапот на реновираниот македонски национален тим на Светското првенство во Хрватска.
Тоа беа натпревари над очекувањата со кои беше вратена (до)вербата во националниот тим и во новата генерација на ракометари од кои (ќе)се очекува многу, веројатно како и досега многу повеќе отколку што реалноста и објективноста дозволуваат.
Машкиот тим во 2025 комплетираше уште еден успешен циклус на квалификации, ќе игра на ЕП 2026 со што ќе го направи и јануари 2026 месец на ракометот

Момент што му носи нов тек на македонскиот ракомет е и промената на раководната структура на Ракометната федерација на Македонија. По комплетирани три мандати од претседателската функција замина Живко Мукаетов. Тоа што тој и неговиот тим го направија и сѐ уште го прават во македонскиот ракомет нема да биде заборавено, а пред новото раководство што го предводи Александар Стефанов стои комплициран и тежок предизвик да продолжи во зацртаниот пат.

Клупскиот план го збогатија Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер. По еден пехар поделија во минатата сезона и ја подигнаа битката за следниот трофеј на повисоко ниво.

А на тоа повисоко ниво, во 2025 се појави и нов играч. ГРК Охрид оваа година застана рамо до рамо со Еурофарм Пелистер, Вардар 1961 и РК Алкалоид и сега во македонскиот ракомет има голема четворка, нешто со што не можат да се пофалат и држави каде што со повеќе нули се пишуваат буџеетите и кои важат за крем на европскиот ракомет.
Вардар и Охрид имаат презимуваат во Европа со реални, големи шанси да дотуркаат далеку, а во случајот на ГРК Охрид отворено очекуваме да влезе во најтесната битка за пехарот од ЕХФ Европскиот Куп.

 

Поврзани вести